Се исуши луцерката, бостанот, гравот и тутонот во овчеполскиот регион. Земјоделците од светиниколските села Амзабегово, Црнилиште и Пеширово велат дека веќе 11 дена немаат вода во каналот за наводнување, која доаѓа од браната Калиманци. Штети имаат на сите култури на кои им треба вода во најтоплите денови од годината. Бостанот на земјоделецот Влатко Стојановски, кој очекувал добар род целиот се исушил, јавува Телма.
Во Амзабегово од 400 хектари, во моментов вода нема за 350 хектари земја. Сонцето го сотре родот, а земјоделците велат дека вода во Калиманци има, но водата не пристигнува до нив. Претставници на водната заедница барале решение и во Водостопанство Брегалница.
Директорот на Водостопанство Брегалница, Зоран Беличев вели дека на теренот има рестрикции на водата, а капацитетот на каналот не ги задоволува потребите на водокорисниците.
Камерата на Телма забележа дека во каналот кој води кон селата во Лозово има само 20 сантимерти вода, наместо да има над еден метар, со што би се задоволиле потребите на овчеполските земјоделци.
Извор: Телма


