Тито сакал Југославија да има „атомска бомба“, кодното име на задачата било „Козара“

Повоена Југославија развивала две нуклеарни програми: воена и мирновременска. За ова сведочат само неколку написи во весници и неколку книги за нуклеарните амбиции на Тито.

Последниот кој најдалеку стигнал во своите истражувања за оваа амбиција на Југославија, е д-р Драгомир Бонџиќ, историчар од Институтот за современа историја во Белград, кој го истражувал целиот расположлив архивски материјал и ја објавил книгата „Помеѓу амбициите и илузиите: нуклеарната политика на Југославија 1945-1990 година“, прва во нашиот регион што целосно се занимава со југословенската нуклеарна програма.

„Од почетокот на мојата академска кариера се занимавав со историјата по Втората Светска војна на Универзитетот во Белград каде магистрирав и докторирав на таа тема. Додека ја проучував таа историја, наидов на имињата на некои професори, како Павле Савиќ и други, кои на некој начин биле вклучени во таа нуклеарна програма. Темата многу ме интересираше, па решив и да ѝ се посветам“, вели Бонџиќ.

Според него „Југославија не само што била сиромашна и опустошена во војната, туку била и земја со многу мал потенцијал, човечки и материјален, на полето на атомската физика. Само неколку истражувачи биле делумно запознаени со тајните на нуклеарната наука, која била во развој“.

„Но, политичарите имале амбиции, дополнително поттикнати од геополитичката ситуација, особено по конфликтот со Советскиот Сојуз, кога тогашното југословенско раководство првенствено сакало да остане на власт и да ја зачува државата. Токму затоа што имале малку знаење, југословенските политичари мислеле дека бомбата е изводлива“, изјавил Бонџиќ.

Тој посочува дека централната фигура во југословенската нуклеарна програма бил Павле Савиќ (1909-1994), физички хемичар кој, работејќи со нобеловците Ирен и Фредерик Кири во Париз, дал значаен придонес во откривањето на фисијата.

„Според достапните документи, најголемите поборници за атомската бомба кон крајот на 1940-тите и почетокот на 1950-тите биле Едвард Кардељ, Александар Ранковиќ и Милован Ѓилас додека Тито не се појавува никаде. Имало неколку состаноци на кои тројцата го критикувале Павле Савиќ како раководител на Винча поради слабиот напредок на проектот. Во нуклеарната програма што се развивала во Винча бил вклучен и Стеван Дедије, кој за тоа пишувал и во своите мемоари, но во нив тој си посветува повеќе внимание, отколку што тоа го имал според она што го најдов во другите историски извори“, рече Бонџиќ.

Тој наведува дека меѓу 1948 и 1953 година имало голема криза во односите меѓу Советскиот Сојуз и Југославија и југословенското раководство сакало да има бомба за да се заштити од потенцијалната советска воена инвазија.

„По смртта на Сталин и доаѓањето на Никита Хрушчов на власт, ситуацијата се смирила, СССР и Југославија се помириле и започнале да соработуваат. Кога Хрушчов пристигнал во Белград во 1955 година, спомнал и соработка за нуклеарни проекти, а потоа бил потпишан договор во рамките на кој Југославија добила два советски реактори. Еден, училишен реактор со нула моќност, бил пуштен во употреба во Винча во 1958 година. Вториот, истражувачки реактор со моќност од 6,5-10 мегавати, бил пуштен во употреба во 1959 година во Винча, а со него станало возможно да се извршат значајни експерименти и да се обучи персонал“, објасни Бонџиќ.

Меѓутоа, на 14 октомври 1958 година, шест млади научници на возраст од 24 до 26 години биле озрачени во Винча поради невнимателно ракување со реакторот со нулта моќност. Еден од нив починал додека другите пет биле спасени со трансплантација на коскена срж во Париз.

„Тогаш во Винча пристигнале набљудувачи од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и го истражиле целиот случај. Тој настан предизвикал страв во јавноста во Југославија, но и во светот“, раскажа Бонџиќ.

Во раните 1960-ти, југословенските нуклеарни амбиции почнале да исчезнуваат од професионални и политички причини.

„Наидов на неколку стручни студии од крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите. Тие детално ја елаборираат можноста за изработка на нуклеарна бомба. Тогаш нашите експерти добро го разбрале прашањето на теоретски план, но не знаеле дали Југославија може тоа да го поднесе финансиски, кадровски и инфраструктурно. Од тие стручни документи политичкиот врв не можешл да заклучи дали сигурно би можел да дојде до бомба. Тогаш политичката ситуација во Југославија била поинаква: додека во доцните 1940-ти никој од експертите не се ни осмелувал да им каже „не“ на политичарите, во доцните 1950-ти и раните 1960-ти ситуацијата била поинаква. Прво, голем број експерти започнале да ја напуштаат земјата, а оние што останале имале поголем интегритет да кажат „не“, или да ги попречат напорите за работа на бомбата. Од друга страна, Југославија тогаш била децентрализирана, но и во голема економска криза, па на почетокот на 1960-тите финансирањето било многу слабо, а буџетот за нуклеарни истражувања се намалил“ – истакна Бонџиќ.

Слабеењето на нуклеарните амбиции на југословенското раководство секако се должи и на фактот што Југославија станала една од лидерите на Движењето на неврзаните во 1961 година, а потоа во 1968 година била една од првите потписници на Договорот за неширење на нуклеарно оружје.

Во средината на 1970-тите, југословенската нуклеарна програма повторно станала актуелна, а причината била првата атомска бомба на Индија. Според анегдотата што ја раскажал др. Ѓуро Миљаниќ, Тито му се јавил на Павле Савиќ и го прашал дали „нашите момчиња можат да го направат тоа“, а Савиќ потврдно одговорил.

„Во Архивот на Југославија најдов документи од седниците на кои јасно се гледа поврзаноста и заживувањето на југословенската нуклеарна програма и индиската нуклеарна бомба. Индија го спроведе својот „нуклеарен тест за мир“ во мај 1974 година: тие тврдеа пред меѓународната заедница дека прават нуклеарен експеримент поради нејзината мирновременска примена во рударството, но не убедија никого. Поради тоа имаа големи проблеми, но Југославија цело време беше со Индија. Во летото 1974 година, Тито свикал состанок со воените, политичките и научните раководители, каде јасно побарал бомба.

Тито тогаш бил во доцна фаза од својот живот и владеење, и не може да се сфати дали тоа бил негов политички блеф или пак навистина верувал дека Југославија може да направи бомба.

Во секој случај, Сојузниот секретаријат за одбрана, на чело со Никола Љубичиќ, во октомври 1974 година, по директива на Тито, подготвил студија со кодно име „Задача Козара“, во која се елаборирани можностите за понатамошниот развој на нуклеарната енергија со посебен аспект во воена примена.

Сепак, експертите од Белград, Љубљана и Загреб се сомневале дека тоа може да се случи, според кажувањата на Бонџиќ.

Тој посочува дека Југославија очекувала помош од Индија во развојот на својата нуклеарна програма, која бескомпромисно сакала да ја има, но таа помош не ја добила.

„Проектот за нуклеарната бомба уште на почетокот бил неуспешен , а освен отсуството на помош од Индија и дискусиите во југословенското претседателство на крајот на 1974 година и почетокот на 1975 година биле голема пречка. Југославија веќе функционирала како конфедерација, а конфликтот помеѓу републиките околу економските интереси биле пресудни.

На пример, словенечкиот претставник Сергеј Крајгер настапувал многу луто, не толку за идејата за развој на нуклеарна енергија, туку инсистирал за тоа да се разговара во Словенија. Тој барал Претседателството и Централниот комитет на Словенија да го добијат материјалот за тајниот воен проект за да можат општествените и индустриските организации да разговараат за тоа. Каде има тука тајност? Така не може да се направи бомба“, тврди Бонџиќ.

Постоењето на југословенската нуклеарна програма во 1970-тите и 1980-тите е споменато уште во неколку написи во странската литература во 2000-тите.

]]>

Најчитани вести