Во Свети Николе денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков ја одржа првата презентација на земјоделците за консолидација на земјоделското земјиште.
Цветков нагласи дека меѓу приоритети на Владата и на Министерството е консолидација на земјоделското земјиште, пренесува МИА.
– Во Стратегијата за 2014-2020 година еден од главните приоритети на Владата, односно на Министерството е консолидација на земјоделското земјиште, практично кажано групирање на земјоделските парцели, кои што знаеме дека во моментов тие се доста фрагментирани, односно раситнати, расцепкани. Секако за да имаме квалитетно и квантитетно земјоделско производство потребно е површините да бидат окрупнати, односно да се изврши консолидација, рече Цветков.
Тој најави дека во наредниот период ќе се одржат вакви презентации во Струмичкиот, Битолско-Прилепскиот и Скопскиот регион, а на работилниците ќе изберат два региони во кои ќе почне групирањето, односно консолидацијата на земјоделското земјиште.
– Сакам да кажам дека оваа консолидација секаде во светот трае доста долго и е мачна и секако потребно е време, трпение и пари, средства, а како што реков бенефитот е окрупнување на земјоделските површини со што практично земјоделците ќе имаат и помали трошкови за обработување на земјиштето, можат да применуваат подобри агротехнички мерки и секако да добијат поквалитетен производ и поголема количина, вели Цветов.


