Вардар против Бера Бера го потврдува пласманот помеѓу осумте најдобри

Женскиот ракометен првак Вардар СЦБТ веќе го обезбеди пласманот во следната рунда од Лигата на шампионите и во оптимистички расположение ги чека натпреварите од последните две кола во првата групна фаза.

– За нас секој натпревар е важен, а овој посебно затоа што во 1.коло против Бера Бера го одигравме нашиот најслаб дуел во досегашниот тек од Лигата на шампионите. Очекувам на оваа средба да го покажеме нашето вистинско лице. Презадоволна сум од тоа колку брзо напредуваме од аспект на воиграноста на тимот, изјави тренерот на „вардарки“ Индира Кастратовиќ на денешната прес-конференција.

За Андреа Лекиќ, една од најдобрите ракометарки на македонскиот првак дуелот со шпанскиот состав е добра можност да се потврди пласманот помеѓу осумте најдобри.

– Средбата во недела ќе биде убава шанса со победа да се прослави пласманот во следната фаза од елитното натпреварување. Очекувам да го подобриме впечатокот од првиот дуел, но треба да се потенцира дека секогаш на стартот е тешко, истакна Лекиќ.

Таа очекува две победи во последните два натпревара и освојување на првото место во групата. Сепак Лекиќ смета дека се уште постои простор за напредок во играта на „црвен-црните“.

Натпреварот ЖРК Вардар СЦБТ – Бера Бера ќе се одигра в недела со почеток во 18 часот и 30 минути во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Најчитани вести