Ви пренесуваме неколку афоризми на нашиот познат сатиричар Васил Толевски:
– Кај нас нема невработени! Сите работат едни против други.
– Не постои лоша влада. Сите се добри за рушење!
– Нашиот јазик изобилува со навредливи зборови. Ама ни приближно онолку колку што заслужува нашиот Водач.
– Сите тврдат дека Хитлер е жив! Ама, само ние можеме да го потврдиме тоа.
– Постојат илјада патишта како човек да се збогати. Политичкиот е – најкраткиот.

– Предлагам да се отворат училишта за крадци! Тоа е единствен начин сиромасите да научат како да станат богати!
– Исус живеел само од леб и вода. Тоа е најдобар доказ дека бил Македонец.
– Подготвени сме за трета светска војна. Имаме и бело знаме!
– Претседателот го сплоти народот во национален консензус! Сите му се смеат.

– Орден за заслуги за народот може да добие само Член на влада кој ќе даде оставка.
– Државата не е атом па да ни треба знаење од нуклеарна физика. Неа ја цепиме со незнаење.
– Порано браварот беше Претседател на држава. Денес браварите не можат да бидат ниту вработени.
– Во полициска држава сите се чувствуваат безбедни. Освен народот!

– Сеуште никој нема видено заедно и среќно да живеат лав и овца. А уште поретко власт и народ.
– Еден ден секој Македонец ќе има диплома. Тоа ќе биде денот кога никој не ќе знае ништо да работи.
– Нашите политички фигури буквално и така се однесуваат. Фигурираат.

– Деца, барате работа во Македонија?! Е, тука ни Google не може да ви помогне.
– Слугите на режимот станаа наши господари!
– Исак Њутн својот Законот за сила го демонстрираше на хартија. Тогаш немаше пендреци!
– Не може да заигра мечка пред секоја врата. Немаме толку мечки!


