Вечерва спектакл во СЦ „Борис Трајковски“: Металург против Вардар во Лигата на шампионите

Двата најуспешни македонски ракометни тима во моментов Вардар и Металург вечерва во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ го играат првиот натпревар во Лигата на шампионите. Ова е потврда на резултатите на двата колектива во последниот период. Натпреварот е од 5.коло од Ц групата од Лигата на шампионите, а распоред одреди овие две екипи да играат и во 6.коло (24.ноември – недела). Металург, кој е домаќин вечерва првиот натпревар ќе го игра без Филип Миркуловски (повреден) и Никола Маркоски (болен – сипаници), а секако дека во составот ќе бидат и недоволно опоравените: Павел Атман, Ацо Јоновски и Велко Маркоски. Но, неизвесно е колку минути ќе минат на теренот. Во Металург ќе имаат и едно ново име – Милан Чоровиќ.

Вардар, кој само формално е гостин, има мали проблеми околу изборот на играчи и неизвесен е само настапот на голманот Петар Ангелов, кој пред почетокот на Лигата на шампионите од Металург дојде во Вардар.

На чело на табелата во групата е Барселона со 7 бодови, Металург има 6, Вардар 4, Динамо Минск 4, ПСЖ 3, Вакер Тун 0.

Натпреварот ќе го судат данските судии: Мартин Гјединг и Мадс Хансен.

Денеска се играат уште два натпревара од групите од Лигата на шампионите. Од Ц групата (истата во која играат Металург и Вардар) во Минск кај Динамо гостува Барселона, додека во рамките на А групата се игра дуелот меѓу Рајн Некар Ловен и Загреб КО, каде функцијата делегат ја има Драган Начевски од Македонија.

Најчитани вести