Во 2003 година дојдов во А1 Телевизија од МТВ на барање на сопственикот на телевизијата, Велија Рамковски. Негова идеја беше формирање на земјоделска редакција и на А1 да започне емитување на земјоделска емисија со што сакаше да и даде важност на оваа стопанска гранка, имајќи предвид дека се работи за храната на граѓаните. Такви беа неговите размислувања уште на самиот почеток, стопанството за него е најважно за развој на државата.
Првите две години, додека се развиваше емисијата, првично под името „Агробизнис“, а потоа „Фармер“, тој лично ги запознаваше состојбите во македонскиот аграр, проблемите кои ги имаа земјоделците и агробизнисмените и перспективите на оваа стопанска гранка. За таа цел ги посетивме речиси сите поголеми агробизнисмени од различни земјоделски области. Ако се работеше за свињарство, одевме кај Ристо -„ Жито Врадар“, Перо од „Агрија“ и „Веле“ од Челопек. За живинарството, проблемите ги согледувавме со Арбен од „Везешари“, Вили од „Ветеринар Гевгелија“ и Дане- „Салмак“. Состојбите во овчартсвото ги осознававме од Меџит и Видое . Лозарството и градинарството го дебатиравме со Балтовски, а за житариците најмногу со Оровчанец или со луѓето кои со години беа во агросекторот и точно ги знаеја проблемите во работата и што е она што треба да превземе државата за решавање на нивните проблеми.
Следуваше посети на селата и средби со земјоделците. Посетивме стотина села, разговаравме со земјоделци кои тогаш не се плашеа да зборуваат пред камера, ја кажуваа состојбата и проблемите но и решенијата.
Заеднички став и на земјоделците и на агробизнисмените беше дека субвенционирањето е неизбежно, особено што знаевме дека ЕУ, кон која се стремевме, 40% од буџетот издвојува токму за земјоделското производство, а нашите прозводи за да бидат конкурентни на тие пазари мораше да имаат државна поддршка.
Освен состојбата во Македонија, Велија кој многу инвестираше финансиски во емисијата „Фармер“ и воопшто во овој проект, ме прати во земјите од регионот да се запознаам лично со нивните аграрни стратегии во делот на субвенционирањето, бидејќи сите други држави веќе ја имаа воведено оваа државна мерка. Така реализирав посети во Хрватска и Словенија, а снимив интервјуа со тогашните министри за земјоделство на Србија и Бугарија. Ништо не измисливме ново, само го пренесовме нивното искуство, некоја комбинација од сите аграрни модели за развој прилагодени на нашите стратешки земјоделски производства.
Дотогашното работење беше во функција на телевизиска програма на А1. Укажувавме, апелиравме, алармиравме но ефектот не беше според нашите очекувања. Односно недостигаа институциите кои тоа можат да го спроведат. Прво програмата му ја понудивме на тогашниот премиер Бучковски. За жал, не наидовме на разбирање. 120 милиони евра за земјоделството беше нешто незамисливо тогаш за наши прилики.
Во 2006 година ја формиравме Партијата за економска обвнова, со единствена економска, односно земјоделска програма. Тогаш за прв пат се спомнаа 120 милиони евра земјоделски субвенции. Памтам како не гледаа со чудење, и со потсмев кога прв пат спомнавме субвенции од 1500 денари за женско јагне на пример или 100 евра за пченица. Најмногу за неверување беше едното евро за тутунот. Но објаснувањето и тогаш и сега на Велија е дека во милијарди евра буџет да замижиш ќе најдеш 120 милиони евра кои ќе се вложат во аграрот но и ќе се вратат преку зголемување на домашното производство, намалување на увозот на храна, а со тоа и намалување на трговскиот дефицит.
Земјоделската програма, по победата на ВМРО ДПМНЕ во 2006 година ја прифати Груевски. Но и тоа не беше лесен процес. А1 телевизија две години му вршеше голем притисок на Груевски да ги воведе субвенциите за земјоделците, бидејќи во програмата на ВМРО ДПМНЕ од 2006 тие имаа планирано само 20 милиони евра за аграрот до 2010 година. Зборот ми е дека Груевски тогаш појма немаше што е земјоделство и земјоделски субвенции да не беше притисокот од А1 телевизија. И покрај тоа, 120 милиони евра за кои зборувавме со Велија уште во 2006 година, Груевски ги достигна( и тоа само на хартија) во 2012 година.
Програмата предвидуваше, покрај директните субенции и милионски инвестиции во системи за наводнување, фабрика за млеко и јајца во прав и изградба на ладилници со што ќе се решеше проблемот со пласманот што го имаа земјоделците. Сведоци сме дека ништо од ова не се реализира.
Јас и ден денеска тврдам дека да беше Груевски искрен во намерите да направи реформа во аграрот ова ќе беше успешен проект. За жал од оваа временска дистанца повеќе од јасно е дека тој, Груевски ги воведе субвенциите само за уцена и корупција на земјоделците пред избори. Состојбата во македонскиот аграр никогаш не била полоша.
Ете тоа е Вистината за воведувањето на земјоделските субвенции во Република Македонија, до тука.
Пишува: Ленче Николовска


