„Преку овој повик стимулираме создавање на бизнис акцелератори, кои би биле поддршка за старт ап компаниите. Поддршката е во форма на неповратен грант, кој може да достигне до 500 илјади евра, односно кофинансирање до 75% од вкупното учество на проектот, додека 25% од средствата треба да обезбеди компанијата која аплицира на јавниот повик. Наша намера е да се отворат четири акцелератори, на територијата на цела Република Македонија, кои ќе обезбедуваат средства и техничка поддршка за старт ап компании на млади луѓе, да ги реализираат своите бизнис идеи. Со вториот инструмент се поддржува поддршката за пораст на конкурентноста на македонските компании и особено е атрактивна за стопанските компании, бизнис асоцијации и кластерските здруженија. Преку овој инструмент се обезбедуваат неповратни средства во висина до 500 илјади евра, односно до 50% од инвестициите во технолошки и технички раст и развој на компаниите“, потенцираше вицепремиерот. Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој подвлече дека станува збор за два нови финансиски инструменти на Фондот, со кои се проширува понудата на младите луѓе, компаниите и научните институции за стимулирање на иновациите и раст на конкурентноста. „Со двата нови инструменти целиме да ги поддржиме брзо растечките бизниси и да поттикнеме создавање на високо платени работни места од над 30 илјади денари и повеќе. Преку овие два инструмента, користејќи ги меѓународните искуства, на младите им даваме можности кои ги имаат и во другите поразвиени земји. Со грантот од 3,4 милиони евра, очекуваме да се генерираат вкупни инвестиции до 5,5-6 милиони евра во наредните 2-3 години. Дури 80% од грантот кој ќе биде доделен за основање на акцелераторите, ќе биде наменет за директна финансиска поддршка за старт ап компаниите. Преку акцелераторите младите луѓе ќе може да обезбедат средства и за почетни инвестиции, но и за инвестиции во натамошните фази на развој“, истакна Деспотовски. Јавниот повик се спроведува преку Фондот за иновации и технолошки развој, средствата се обезбедени во соработка со Светска Банка, а ќе биде отворен во наредните 2 месеци, поконкретно до 27 јули 2018 година.]]>


