Невремето што го зафати село Стајковци, уништи близу 200 ха квалитетно градинарско производство по кое е познат овој крај.
Од модерните пластеници на семејството Крстевски не останало ништо. Пустошот сведочи за страшното невреме кое носело се пред себе, од плодниот дел на почвата до најлоните, системите за наводнување и металната конструкција.

Штетите се огромни, потребата од помош од државата исто така голема. Покрај пари, земјоделците бараат и помош во механизација како и други репроматеријали.

– Имав вкупно околу 141 пластеник засадени со моркови, пиперки, краставици, домати, зелка и други градинарски култури. Со систем капка по капка, се очекуваше голем принос, само од морковот од 1 хектар повеќе од 150 тона, не рачунајќи од другите производи – вели агробизнисменот Крсте Крстевски кој додава дека за 1 ха под градинарски култури производствените трошоци се околу 15 000 евра, што во случајов е чиста загуба бидејќи ништо од тоа не останало.

Пред некој ден поминала комисија од Министерството за земјоделство од каде се надеваат на помош да се помине овој тежок период за нив.

– Од Министертсвото за земјоделство дојдоа но не знаеме ни како попишаа ни кога и дали ќе не обештетат. Уништени се и најлоните, шипките, системот за наводнување, овде не може да се искористи ништо повеќе – вели Борче Крстевски.

Според нив помошта им е потребна веднаш за да може да ги санираат штетите но и да подготват барем дел од површините за расадот кој веќе го имаат подговтвено.

-Механизација ќе ни треба, не можеме да ги спремиме нивите за нова сезона. Имам расад од целер, барем тој да го насадам и нешто да извадам. Јас имам регистрирано фирма, редовно си плаќам давачки кон државата, имам пријавено и вработени- изјави Крсто Крстевски.



