Владата со пад од 40 места во транспарентноста, oпштините со минимално подобрување

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност 2024, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Заклучокот е дека министерствата се без напредок во нивото на транспарентност, а кај општините има минимално подобрување.

Единствено од владините институции е Министерството за одбрана кое ја задржало максималната активна транспарентност од 100% оваа година. Ова е четврта година по ред кога Министерството за одбрана ги објавува сите предвидени информации.

Во истражувањето, Владата падна од ланското прво место со 100% активна транспарентност на 40-то место со 87%. Истражувањето покажа дека просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините за 2024 година изнесува 80%, што е подобрено за 4 процентни поени во однос на минатата година (76%).

Активната транспарентност на министерствата и Владата е 86%, додека на општините е 79%. Министерствата не покажуваат напредок во однос на ланската година, додека општините постигнаа подобрување од 5 процентни поени.

Пет општини – Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево – постигнаа 100% активна транспарентност за прв пат годинава. Поради тоа, 71% од вклучените институции ја подобриле својата активна транспарентност.

Источниот регион ја задржа лидерската позиција со 88% активна транспарентност, додека Скопскиот регион го избегна последното место на кое се наоѓаше со години. Сега, на последното место е Североисточниот регион со 72% активна транспарентност.

Министерствата најмалку информации објавуваат за своите надлежности (78% од можни 100%), додека општините за финансиите (67% од можни 100%).

Активната транспарентност подразбира објавување информации на сопствена иницијатива од институциите, без потреба од поднесување барање за пристап до тие информации. Законските основи за проактивно објавување информации се наоѓаат во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и во други релевантни закони. Покрај регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика и обврските од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, поддржан од фондацијата Отворено општество – Македонија.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести