Младиот Владимир Глигоров е научник, специјалност му е нуклеарната физика, а има само 32 години. Работи во престижниот Европски центар за нуклеарна физика близу Женева – ЦЕРН.
Македонија никогаш не ја посетил, и не сака да зборува за своите роднини, ниту за својот дедо.
Младиот Владимир Глигоров е син на познатиот економски експерт од Виенскиот институт, исто така Владимир Глигоров, имаат исто име и презиме, а мајка му Љубица Стрнчевиќ – Глигоров, која по професија е логичар го насочила кон природните науки.
Глигоров јуниор е внук на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Дедо му беше правник, „татко на нацијата“ и прв претседател на демократска Македонија. Татко му е врвен економист, професор и веќе со години е дел од експертскиот тим на Виенскиот економски институт.
Младиот Глигоров е роден во Белград, таму се школувал до деветтата година. Потоа се преселил, во Америка, потоа во Шведска и, на крајот, во Австрија. Таму ги завршил првите две години од средното училиште, по што добил стипендија, а останатите две ги завршил на колеџот во „Оксфорд“, Велика Британија. На седумнаесет години запишал физика на колеџот „Сент Џонс“ во „Оксфорд“, кој е составен дел од Оксфордскиот факултет. Работел во Центарот ЏЕТ во Абингдон, место близу до „Оксфорд“, каде што постои најголем пробен реактор за фузија на светот. Од почеток од докторските студии во октомври 2003 година до денес, тој е член на ЛХЦБ-експериментот. Станува збор за еден од центрите што е главен за експерименти во ЦЕРН.
Во интервју за Утрински весник тој вели дека патот до успехот е само со работа и среќа, а не сака да го нарекуваат вундеркинг од семејството Глигорови.
Работа и многу среќа. Ние, благодарение на работата на мојот татко, побегнавме од виорот на војната што ја проголта мојата генерација во СФРЈ; додека ги трпеа последиците од тоа, јас се образував во странство. Така што среќата тука е во преден план – дали ќе го постигнев ова ако останев во 1990-тите години во Белград, или Скопје или Ѓеновици, каде што живееја моите баба и дедо по мајка? Се сомневам во тоа. Затоа не го сакам зборот „вундер кинд“, во моето одделение имаше толку многу луѓе со потенцијал, а лотаријата на животот мене ми даде шанса. Вундеркинд се оние кои останаа таму, а постигнаа нешто, и не го велам тоа од некоја лажна скромност. Тоа едноставно е вистината и мора да се нагласи бидејќи премногу луѓе кои нешто успеваат забораваат на влијанието на среќата во тоа што го постигнале, и се претставуваат како производ на нивната генијалност, што сметам дека е нездраво и несоодветно. Потоа, секако, мора да се работи, тука нема некоја голема тајна – јас последните 10 години го работам тоа што го знам, дефинитивно 60 и плус часови неделно, за време на викенди, а имам одмор од максимум две недели годишно. Но, повторно, и по сета таа работа, човек треба да има среќа да биде на вистинското место во вистинско време. Не е доволно да се биде паметен за да има важни идеи, човекот мора да најде некое важно прашање на кое веќе не е одговорено. Тоа, всушност, често е потешкиот дел од приказната, да се постави вистинското прашање. Дефинитивно помага кога сте на место како што е ЦЕРН, и опкружени со толку многу паметни луѓе, бидејќи тоа стимулира. Не дека седите сами и размислувате, туку разговарате со колегите, ги слушате нивните проблеми, често во нивните проблеми гледате некои паралели со вашите проблеми, па потоа ги поврзувате итн….
Целото интервју прочитајте го на следниов линк


