Во добра и конструктивна клима разговорите на замениците МНР на Грција и Турција

Во добра и конструктивна клима била средбата во Атина на заменик- министрите за надворешни работи на Грција и Турција Костантинос Франкојанис и Бурак Акчапар, кои разговараа за т.н. позитивна агенда на соработка за развој на билатералните односи, брифирале грчки дипломатски извори за медиумите, јави дописничката на МИА од Атина.

Франкојанис и Акчапар се сретнаа во рамките на дијалогот што започна меѓу двете земји, а конкретно двајцата заменици шефови на дипломатиите беше предвидено да разговараат за развојот на билатералните односи во трговијата. економијата, енергетиката, транспортот, здравството и животната средина.

-Климата на средбата беше добра и во конструктивна клима беа разгледани сите прашања од позитивната агенда, брифирале грчки дипломатски извори за медиумите во Грција.

За утре, исто така во Атина, закажани се политички консултации кои ќе ги водат заменик- министерката за надворешни работи на Грција Александра Пападопулу и турскиот заменик шеф на дипломатијата Бурак Акчапар.

-Разговорите ќе се фокусираат на билатералните односи меѓу Грција и Турција, како и на регионални и меѓународни прашања, соопштија од грчкото МНР.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретнаа во јули на НАТО Самитот во Вилнус и минатиот месец на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк и го дефинираа нивото на контакти и средби за следниот период, додека пак шефовите на двете дипломатии на средбата на почетокот на септември во Анкара ги соопштија следните чекори во грчко- турските односи.

Освен дводневните средби во Атина, на почетокот на декември во Солун ќе се одржи следниот Висок совет за соработка меѓу двете земји.

МИА