Приказна на еден Преспанец
Мојата фамилија брои 6 члена од кои мајка ми е регистриран земјоделец. Обработуваме 4 хектари насад со јаболка. Со работа во овоштарникот почнуваме уште во декември – јануари па се до март кога е кроењето на овошките. Ние имаме 4 хектари насад со ајдарет, тоа се близу 4000 садници и мал дел од сортата црвен делишес. Кроењето трае 40 полни работни дена, после тоа се собираат гранките, тука веќе работата ни е олеснета зошто ги дробиме со мулчер ама сепак она што паднало под стеблото треба да се тргни во редот а тоа се прави со гребло. Значи плус уште некој 10 дена работа активна по цел ден.
Потоа следува фаза на цветање на јаболката и во овој период, пред да почне папката да се отвора има зимско прскање и тоа некогаш и два пати. Во периодот на цутење месец април (крај на април) имаме неколку прскања. Потоа следи врзување на плодот тоа е во месец мај и во овој период имаме најмногу прскања, некогаш и по 3 пати во текот на неделата.
Рачунајќи по дрво за едно прскање потребни ни се 4000 литри раствор и годишно близу 7000 евра само за заштитни средства. Или оваа година вкупно 18 прскања почнувајќи од април па се до септември.
Почнувајќи од средината на јуни па се до почеток на берба крај на септември се врши континуирано наводнување. Наводнуваме од бушотини ги имаме две со длабочина, едната од 60 метри другата 55 метри. Водата ја вадиме со потопни пумпи на струја. Годишно за струја трошиме и до 1000 евра зависно од годината
Три до 4 пати потребно е мулчирање на тревата во редовите. И се ова се активности пред берба. Значи во текот на летото и нема толку многу работа. Но секој ден или секој втор ден си врзан со наводнување и тоа се случува најчесто во утринските часови.
Во бербата сме вкупно 8 луѓе, а за да го собереме родот потребни ни се околу 45 дена. Оваа година почнавме на 28 септември и крајот ќе биде за некој ден односно до крајот на неделава. Или од Крстовден до Митровден. После ова ноември го користиме за одмор и од декември пак сите активности наново.
Но најтежок дел допрва доаѓа а тоа е е складирањето и продажбата. Јаболката ги складираме во магацини и ги чуваме зависно од побарувачката до крај на март или април. Оваа година е реткост ајдарет да се бара и продава уште во берба
Со изградбата на откупно дистрибутивниот центар работата место да се олесни таа уште повеќе се отежна. Откуп има пари нема. На почеток на берба викаа носете јаболка исплатат за еден дена. Луѓе што однеле на почеток на октомври до денес пари немаат замено, со исклучоци
Локалниве трговци ги има 10 или повеќе земаат ама пари ретко кој дава. Со трансакционата сметка место да се олесни ја дозакопаја работата. Има луѓе што не земале пари и по 3 години и тоа со илјадници евра. Значи од старт немаме никаква сигурност во тој поглед. Деновиве немаме доволно амбалажа, па мора да молиме по откупувачите за амбалажа и тоа ќе трае некој ден. Наводно фабриката во Кавадарци немала доволно капацитет за побарувачката во Преспа. Оваа година ние имаме блиску 110 тони складирано јаболка и уште мала работа недобрано, ама топлото време кое го најавуваат мислам дека ќе послужи.
Да дополнам имаме големи давачки за струја, препарати, нафта, а мал приход. Преживуваме а не живееме. Благодарение на кроењето што сами го обавуваме и на бербата што не плаќаме берачи. Цената за еден кројач на ден е 1500 денари а за берач е 1000 денари.
Може да се напомене и за мрежите од заштита од град, за еден хектар коштаат негде околу 20 000 евра, значи за нашите насади 80 000 евра. Што вика татко ми уште два животи да живеам со оваа цена нема да ги имплементирам.
Кога се ова ќе го земеш во предвид излегува производна цена на килограм јаболка од близу 11 денари за оваа година според статистиката, а килограм јаболко се продава и по 9 денари. На почеток на октомври беше 12 денари
За да сега откупувачите не уценуваат и не фаќаат во тесно затоа што се нема амбалажа и во спас на родот мора да се продава.
Ова е реалноста во Преспа и судбината на секој Преспанец која за Бриф ја раскажа Кице Герасовски од село Болно- Ресен.







