Земјоделците од кавадаречкото село Сопот маки мачат со наводнувањето на 250 ха под лозја, овоштарници и градинарски култури. Стравуваат дека ќе го загубат родот кој едвај успеале до сега да го произведат со високите трошоци за нафта, ѓубрива и заштитни средства.

Нивниот проблем настанал откако отворениот канал од кој земале вода до минатата година, со проект на Министертвото за земјоделство се реконструирал во затворен систем но со неквалитетни цевки.
– Ние до лани немавме никаков проблем со наводнувањето, сите си земавме вода од овој канал. Но со реконструкцијата, за која велат дека се дадени големи финансиски средства е направена грешка и наместо цевки кои се за оваа намена тие ставиле канализациони цевки – вели Миланчо Наумов од село Сопот.


Земјоделците бараат да се реши нивниот проблем бидејќи ќе претрпат огромни штети.
– Нека остане ваков затворен каналот но да биде сериозно и професионално направен. Ова вака е за срамота, никаде вака нестручно не се прави канал од затворен систем – вели Наумов.

Од ЈП Тиквешко поле за Бриф изјавуваат дека се запознати со состојбата и дека санацијата на каналот е во тек.
– Го знаеме проблемот со каналот и веќе почнавме со санација. Ќе се заменат цевките со други и ве уверуваме дека до крајот на неделата овие земјоделци повторно ќе имаат вода за наводнувањето на нивните земјоделски површини – вели од ЈП Тиквешко Поле.



