Вучиќ: На 26 мај ќе соопштам интересни одлуки на народот

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека на најавениот собир на 26 мај, на народот ќе соопшти интересни одлуки.

– Не е проблем. Сакате избори? На 26 мај ќе му соопштам на народот, одиме на избори. Тоа значи дека одиме на избори најдоцна во септември. Но нема вие да бирате кои избори ќе бидат, бидејќи ова не е фонтана на желби и државата не е играчка, а за сè останато ако сакате да разговарате, подготвени сме, порача Вучиќ .

За протестот на опозицијата кој се одржа во петокот Вучиќ рече дека на собир со повеќе илјади луѓе има обврска да го почитува секој собир, но и дека на барањето на опозицијата за смена на министерот за полиција Братислав Гашиќ, воопшто не размислува околу тоа.

– Рекоа ќе те убиеме ако не го смениш Братислав Гашиќ. Зошто да го смениме? Еве нема да го смениме. Не ни паѓа на памет да го смениме Бата Гашиќ кој одлично си ја врши работата. Ама нема проблем, можеме уште повеќе да ви излеземе во пресрет, да ја смениме целата влада и веднаш да одиме на избори. А за тоа ќе треба да го почекате само 26 мај и ништо повеќе, посочи претседателот Вучиќ.

Претседателот на Србија ја обвини опозицијата дека сака власт без избори и изјави дека „нема да има нов Мајдан“ во Белград, односно промена на власта како по уличните протести и вооружени судири во 2014 година на плоштадот Мајдан во Киев.

Најчитани вести