Вукоичиќ: Без многу одмор ја пречекуваме Крка

МЗТ Скопје Аеродром ќе ја пречека Крка во 7.коло од регионалната АБА лига. Во обидот да се стигне до третата победа за тренерот на македонскиот претставник најголем противник ќе биде заморот на неговите играчи поради напорниот ритам на по два натпревари во неделата.

– По натпреварот од Еврокупот, без многу одмор ја пречекуваме екипата на Крка. Тоа е најдобриот словенечки тим во последните неколку години, а оваа сезона е со нов ростер и нов тренер, но со стари амбиции. Во однос на поголемиот број тимови од АБА лигата кои веќе неколку недели учествуват во европските натпреварувања, Крка дури оваа недела започна со нивното учество во Еврочелинџот што значи дека ги имаат тие екстра две-три недели повеќе за добра работа и повеќе свежина во однос на екипите кои се веќе во ритамот со по два натпревари неделно изјави Вукоичиќ.

Тој ја има анализирано играта на словенечкиот претставник и знае од каде доаѓа најголемата опасност.

– Играат навистина снажно, тврдо, на мал број поени, имаат висока екипа и нагласена контакт игра. Комбинација од неколку доста искусни играчи Хукиќ, Павиќ, Букер, Клобучар, заедно со перспективните но веќе искусни играчи како што се Муриќ, Ројц, Армстед и други, преставува добра целина која е добро предводена од страна на тренерот Џикиќ. Тоа е тим кој може да оствари многу. Често ја менуваат одбраната, имаат одлична скок игра и доста брзо преминуваат од одбрана во напад, истакнува тренерот на „штковите“.

Српскиот стручњак на клупата на аеродромци посакува да им тргне шутот и како што вели, на тој начин МЗТ да има можност да влезе во позициона одбрана за која ќе треба доста концентрација и енергија поради контролирање на офанзивниот скок на Крка, елемент во кој се најдобар тим во АБА лигата.

Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Крка ќе се одигра утревечер со почеток во 21 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Најчитани вести