Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска беше на увид во завршната фаза на изградбата на мостот на Пчиња кај Долно Коњаре.
Како што соопшти владината прес-служба, придружуван од пратеникот во Собранието Зеќир Рамчиловиќ, премиерот Заев истакна дека увидот во последната фаза од изградбата на мостот на реката Пчиња којшто ги поврзува Долно и Средно Коњаре се совпаѓа со Меѓународниот ден на Бошњаците, кој припадниците на оваа заедница во нашата земја го прославуваат на 28 септември.
-На иницијатива на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, Владата донесе одлука со која мостот се именува „Цветот на Сребреница”, и врз основа на таа одлука се поставени и табли со називот на мостот со што испраќаме порака на сеќавање и за осуда на секој геноцид за да не се заборави и да не се повтори, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата Зоран Заев го честиташе Меѓународниот ден на Бошњаците на сите припадници на оваа заедница во нашата земја.
-Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава и нивниот придонес во изградбата и негувањето на нашето „Eдно општество за сите” е исклучително значаен, нагласи во својата изјава премиерот Заев.
Новиот мост во Долно Коњаре е изграден целосно со средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Инвестицијата е вредна нешто повеќе од 60 милиони денари и со неговата должина од 133 метри е најдолгиот мост што поврзува регионални патишта во нашата земја.
Со широчина од 7,96 метри, со две коловозни ленти и со два тротоари, мостот ги исполнува сите стандарди за одвивање на сообраќајот и за движење на пешаците.
Во последната завршна фаза поставена е „еластична ограда”, банкина, по должината на мостот, а поставени се и светлечки сигнални обележувачи на оградата на мостот кое ќе биде довршено со канделабри со што целосно ќе биде завршен овој значаен инфраструктурен објект, се наведува во соопштението.
]]>


