„Зелена мафија“ на кванташки во Скопје? Не, трговците само начекале држава „село без кучиња“

Во три часот наутро започнува со работа Кванташкиот пазар во Скопје. Камиони, комбиња и автомобили се движат кон пазарот. На рампа се наплаќа од 150 до 2000 денари од ден, зависно од возилото. Веднаш на почетокот на пазарот ви е јасно дека ова „дива лига“. Црна темница, осветлувањето е никакво, условите се мизерни, расфрлaни производи, земјоделци со гајби праски, вреќи пиперки во комбиња или помали камиони и паркирани шлепери со Косовски и Албански таблички. Овде царуваат тие, трговците, овде се главни тие што имаат пари, овде земјоделците се понижени, уценети и обесправени, без никаква заштита од државата.

Мој пријател, земјоделец од Росоман продаваше праски. Донесе во 3 часот околу 240 гајби, револтиран бидејќи претходниот ден трговците од Косово во Росоман ги уценувале да им ги продаде по 100 денари гајба, односно пониска од производната цена. Реши да дојде на Кванташки за да ги продаде по цена која ќе биде барем со два денара заработка од килограм. За превозот плати 6000 денари и 350 денари влезна такса на пазарот.

kvantaski2

Остана до 7 часот, продаде 18 гајби по 20 денари, а останатите по 15 денари за килограм. Трговците се договарале меѓу себе и бидејќи некој го препознал од Росоман, го уценувале. Тоа всушност е основата на функционирање на Кванташкиот пазар за сите земјоделци. Кога цената е повисока, се договараат трговците никој да не откупува и по два-три дена кога производот нема да трае веќе, им го купуваат по значително пониска цена.

Некој ќе рече „Зелена мафија“…мислам дека е тоа претежок збор за овие трговци, тие само начекале држава „село без кучиња“ и им се може.

kvantaski1

Штом државата ги оставила така земјоделците сигурно нема  тие да се грижат за македонското домашно производство, нив просто ги интересира само профит.

Кога Владата би применила само две мерки согласно  Законот за земјоделство и рурален развој,   а тоа е  да изврши интервентен откуп на земјоделските производи и да го намали притисокот на пазарот или без да даде пари, само да го примени вториот став од член 37 од Законот за земјоделство, а тоа е мерката помош на земјоделците во ускладишување на земјоделскиот производ, тогаш нема земјоделците да се доведуваат во вакви безнадежни ситуации. Ќе ги сместат праските и пиперките во ладилници и тогаш тие ќе можат да диктираат цени.

domodedovo_vnatre

Да не зборувам за примерот  на Турција на најголемиот кванташки пазар Домодедово во Русија каде трговците се директно поврзани со земјоделските здруженија со кои договараат цена и  количество, нема втора, трета рака со што се конкурентни со цената. Замислете вакво нешто да функционира кај нас, еден Аризанов или Стаменов наместо да ги злоупотребуваат земјоделците за личен интерес и да ги притискаат за избори, да организираат палсман?!

Ете во кратки црти проблемот и решението. Едноставно е, го знае и оваа влада, ама пустото не и одговара. Нема како да ќари на грбот на земјоделците. Владата е едно со трговците.

Ленче Николовска

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести