Земјоделската криза и излезот од неа

Земјоделската криза трае подолго од политичката. Таа не се брои  во месеци, проблемите во македонскиот аграр траат со  години. Скапи репроматеријали, нерешен пласман, ниски откупни цени, сиромашни земјоделци, неконкурентно домашно производство на храна. Статистиката бележи пад и до 50% на производството на  млеко, 30% на месо, а состојбата дополнително ќе се влоши со појава на болеста „јазлеста кожа“ кај добитокот поради ненавремената и непрофесионална реакција на институциите. Потоа, се зголемува увозот на  добиточна храна, производство на жито опаѓа, се намалуваат површините под лозови насади, под маслодајни култури, добиточниот фонд драстично се намали, само овците од 1.200.000 во 2006 година сега се 600 000 грла.. Единствено позитивен тренд има во овоштарството, се подигнаа нови насади со кајсии, круши, јаткасто овошје, но годинава ќе биде тешка и за нив, некои насади со кајсии и праски измрзнаа и до 100%. За јаболкопроизводителите  стандардно последниве години е тешко, имаат проблем со пласманот односно ниските откупни цени. Субвенциите од државата им доцнат на сите.

На државно ниво се зголемуваат  површините кои не се обработуваат. Денес  се повеќе и од 200 000 хектари, или  1/3 од вкупно обработливата земја кај нас е напуштена. Земјоделците, оние вистинските кои живеат исклучиво од сопствена земја, се банкрот. Обработуваат и по десетици хектари а немаат пари да почнат нова реколта. Им должат винарии, трговци, откупувачи, а нема начин како да си ги земат парите. Немаат никаква заштита од државата, законите постојат и се почитуваат само кога треба земјоделците да плаќаат данок и други давачки кон државата. Државната земјоделска земја е кај неколку локални моќници блиски до власта кои добро профитираат на маката на останатите земјоделци. Покрај тоа што користат милионски суми на субвенции тие им ја рентаат земјата на вистинските земјоделци, а  се јавуваат и како откупувачи, ги уценуваат земјоделците, не им плаќаат а институциите не ги гонат. Истите овие „бегови“ и возвраќаат на власта за време на изборите кога ги уценуваат и притискаат земјоделците со субвенциите како услов за да гласаат за партиите на власт. Тука главна улога имаат раководителите на подрачните единици на МЗШВ како и вработените во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на чело со директорот на агенцијата. Се е добро осмислено и ставено во  функција на одржување на актуелната власт која свесно ја создаде земјоделската криза бидејќи така полесно се манипулира со осиромашениот и потчинет земјоделец.

Решавањето на политичката криза значи и решавање на земјоделската, со нова политика која ќе го запре  негативниот тренд во земјоделското производство.

Прво и основно што треба да се превземе, веднаш по смена на власта е исплата на сите заостанати субвенции и да се воспостави  динамиката на исплата на државната поддршка тогаш кога на земјоделците им е најпотребна. Сточарите во јуни, јули веднаш после жетва за да можат да купат поефтина добиточна храна. Поледелците во септември пред есенската сеидба за да купат семе и други репроматеријали, лозарите и овоштарите во февруари – март за да ја почнат новата реколта, тутунарите веднаш после завршување на откупот на тутунот.

Втора важна мерка е контрола на  откупувачите и трговците кои им должат пари на земјоделците и притисок да се исплатат сите пари. Државата има механизми како да го реализира ова. Земјоделците не смеат да бидат оставени на милост и немилост на трговците и откупувачите. Постои Закон за земјоделство и рурален развој во кој е точно утврден откупот на земјоделските култури, со рок на исплата и санкции кон откупувачите доколку законот не се почитува.

Трето, веднаш ревизија на поделбата на државната земјоделска земја, и враќање на земјата во рацете на вистинските земјоделци.

Четврта многу важна мерка, нешто што земјоделците и агрибизнисмените го бараат со години е воведување на зелена нафта, или 50% поефтина нафта за земјоделските производители. Само македонските земјоделци ораат со нафта која е двојно поскапа од нафтата која ја користат албанските, бугарските, српските, хрватските , словенечките земјоделци и земјоделските производители од ЕУ. А на исти пазари се среќаават нивните производи,  што значи на самиот старт македонскиот земјоделски производ е неконкурентен. Зелената нафта подразбира државата да се откаже  од акциза и  ДДВ кое е 50% од продажната цена и на тој начин земјоделците ќе набавуваат нафта по половина цена од таа што сега се продава на бензинските пумпи.

Заедно со поефтината нафта, земјоделците треба да имаат и поефтини репроматеријали семе, ѓубрива, заштитни средства  со што ќе се намали производната цена на земјоделскиот производ и со тоа ќе бидат конкурентни на увозните субвенционирани производи кои доаѓаат на нашиот пазар. Исто така на овој начин и откупните цени што ги нудат винариите или мелничарите ќе им одговараат на производителите.

Поддршката на земјоделците во пласманот на земјоделските производи е една од најпотребните мерки. Освојување на нови пазари, информации што се бара, какви култури, какви сорти и соработка со извозно ориентираните трговци се активности кои треба да ги има министерството за земјоделство со цели сектори од државни службеници кои земаат платат за да им помогнат на земјоделците.

Администрацијата, агробизнисмените и поголемите  земјоделци треба да се насочат, односно државата да ги создаде сите услови за  да се повлечат  повеќе средства  од ИПАРД програмата. Од 40 милиони евра колку што ни стојат на располагање досега се искористени само  8 милиони евра, овие пари се повеќе од потребни за развој на македонскиот аграр. Позитивната мерка за набавка на трактори, популарно наречена 50:50 треба да продолжи но без партиски привилегии при аплицирање и со поголема помош од администрацијата околу подготовка на документите.

Инвестициите во наводнувањето се подразбираат,  без вода нема конкурентно производство, а од 150 милиони евра годишно за директни субвенции сигурно може да се одвојат 10 милиони евра за системи за наводнување.

Има уште мерки и активности кои треба да се направат по смена на оваа влада и една со која треба да  се растури „играта“ на таканаречените лидери на земјоделците, со власта. Со тргање на страна на овие слуги на власта и соучесници во уништувањето на македонскиот аграр и нова соработка со чесни, домаќини луѓе кои ќе ги претставуваат земјоделците пред институциите на државата, излезот од земјоделската криза може да започне.

Ленче Николовска

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести