Случајот со ниската цена на доматите ја отвара „сезоната“ на поплаки од страна на земјоделците околу пласманот на земјоделските производи. По доматите ќе следи ниската откупна цена на пченицата, на праските, па грозјето и ќе заврши со тутунот. Не баксузирам, само доволно долго ја следам состојбата за да заклучам дека пласманот остана најголем проблем на земјоделците. Од досегашното искуство со оваа Влада не очекувам дека и ќе се реши.
Проблемот инаку има решение. Потребен е годишен фонд од 10 – 20 милиони евра кои ќе служат за регулирање на пазарот секогаш кога продажната цена на земјоделските производи ќе се симне под производната. Тогаш Министерството за земјоделство реагира со интервентен откуп со што не се дозволува на трговците да ги уценуваат земјоделците. Тие пари пак ќе си ги врати државата со продажба на земјоделскиот производ. Со законот за Земјоделство и Рурален развој ваква интервентна мерка има предвидено за пченицата но на предлог на министерот Владата може да определи и други производи, во случајов за доматите.
Значи земјоделци, не е точно дека владата не може да помогне, не е искрен министерот (освен ако навистина не знае) кога ви вели дека ова се пазарни услови и дека тука државата нема ингеренции. Покрај интервентниот откуп, согласно законот Владата може да обезбеди и поддршка за складирање, а во Министерството има цел сектор – пазарен информативен центар, односно вработени кои земаат плата за да ви помогнат околу пласманот, изнаоѓање пазари, поддршка во маркетинг и други активности.
До власта е земјоделци, вашите загуби кои ги трпите се од незаинтересираноста на власта, од непревземањето на мерки на владата, од фалбите на Груевски дека ви дава субвенции, а за друго не го интересира.
Затоа земјоделци не се лутете на никој друг за вашата беспомошна состојба. Се додека го држите Груевски да не падне, се дотогаш ќе ви паѓаат цените на доматите, грозјето, праските, тутунот…
Ленче Николовска


