Љубовта кон кучињата се негува од мали нозе, но, колку и да е таа љубов голема, за жал, понекогаш, доаѓа до каснување кое остава последици. Дневно може да се случат и по неколку каснувања од домашни или улични кучиња, за што граѓаните се обештетуваат од страна на општините или сопственикот на кучето. Дел од експертската јавност смета дека е неопходно да се подигне свеста кај населението за тоа кои видови на кучиња е најдобро да се одгледуваат во домашни услови и каква внимателност е неопходна кога се работи за кучиња скитници, на кои треба да им се помага, но и да се внимава доколку се болни или поагресивни.
При угриз од куче да се побара совет од лекар, а не интернет мислења
Педијатрите и докторите по ветеринарна медицина препорачуваат да се побара лекарска помош за да се утврди за каков вид на повреда станува збор. Нагласуваат дека е од исклучителна важност да се следат советите на здравствените работници, а не да се применуваат искуствата и мислењата што се споделуваат на социјалните мрежи или на форумите за миленици.
Педијатарот доктор Ангелчо Андоновски во изјава за МИА вели дека во последно време се повеќе има ситуации во кои деца имаат проблеми после каснување од куче.
– Треба да се побара помош веднаш штом се појават првите симптоми. Најчестите симптоми кај децата се несоница, попуштање во училиште со поведението, стравови да се движат во околната средина, токму поради фактот дека постојано сметаат дека ќе бидат каснати, појаснува Андоновски, кој е дел од тимот на Здружението на граѓани „Откритие“ кое реализира програма за поддршка и заштита на жртви од напади од кучиња.
Програмата е дизајнирана да ги заштити граѓаните од ризиците поврзани со напади од бездомни или сопственички кучиња, како и да им обезбеди сеопфатна поддршка за справување со последиците од ваквите инциденти.
МИА


