24 Вести: Државата се задолжи со нови 7,3 милиони евра

Владата денеска се задолжи од домашните кредитори со 7,3 милиони евра, што е за 700 илијади евра повеќе од првично планираните 6,6 милиони евра. Парите ги обезбеди преку продажба на државни хартии во вредност со рок на доспевање од 364 денови.

Веќе утре по основ на доспеани долгови државата ќе треба да им врати на домашните кредитори 5,3 милиони евра, а во сабота да исплати  дополнителни 12,5 милиони евра.

Засиленото темпо на задолжување на владата од домашните кредитори е изразено во последниот период, особено трендот на долгорочно задолжување се забележува во последните три ипол години, пари што ќе треба да се враќаат за 5,10 и 15 години.

Заклучно со јуни, нивото на внатрешниот јавен долг изнесува 1 милијарда 305 милиони евра, од оваа сума повеќе од 106 милиони евра ќе треба да се враќа по 10, односно 15 години, скоро 330 милиони евра се долгови со рок на отплата од 5 години, а речиси 449 милиони евра се врзани за едногодишни хартии од вредност.

ВРАЌАЊЕ НА ДОЛГОВИ

По 15 години        38,4 милиони евра

По 10 години        67,6 милиони евра

По 5 години        329,0 милиони евра

По 1 година        448,0 милиони евра

Вкупниот јавен долг, заклучно со првата половина од годинава достигна 3,9 милијарди евра или 43,7 проценти од БДП.

Според последните податоци на НБРМ, Бруто надворешниот долг заклучно со првиот квартал изнесува скоро 6,2 милијарда евра, што е 68,7% од Бруто домашниот производ, критериум според кој Македонија е веќе во групата на високо задолжени земји.

И со овие параметри од владата уверуваат дека остануваме во групата на умерено задолжени земји, додека дел од економистите предупредуваат на претпазливост.

Извор: 24 Вести

Најчитани вести