Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром денеска од 18 часот ќе го одигра четвртиот натпревар од Еврокупот. Во СЦ „Борис Трајковски“ доаѓа естонски шампион, екипата на Калев Крамо од Талин.
Овој дуел е шанса МЗТ Скопје да ја прекине лошата серија од шест порази во низа (заедно со АБА лигата) и воедно да ја забележи премиерната победа во второто по квалитет клупско кошаркарско натпреварување во Европа.
– Иако играме пред својата публика која секогаш е наш шести играч, ситуацијата со долготрајните повреди, отсуството на некои играчи и напорниот ритам против квалитетни противници, не тера да бидеме доста внимателни. Противникот е помалку звучен тим за разлика од другите противници во нашата група, но не се работи за лош состав. Тој е првак на Естонија кој игра и во Еврокупот и во една од најквалитетните лиги, ВТБ Лигата. Негуваат брза офанзивна игра, додека во одбраната се потпираат на извонредните физички предиспозиции на своите играчи. Убедени сме дека кога играме како што знаеме и умееме, малку тимови може да ни парираат во нашата сала, изјави тренерот Влада Вукоичиќ во пресрет на денешниот дуел.
Во тимот после паузата од еден меч се враќа и Тодор Гечевски, а иако сеуште нецелесно опоравени вклучени ќе бидат и Дамјан Стојановски и Кејд Дејвис.


