Мета ја воведува новата функција „Мјуз имиџ“ за генерирање фотографии со вештачка интелигенција

 Американската технолошка компанија Мета го претстави новиот генератор за слики заснован на вештачка интелигенција „Мјуз имиџ“ (Muse Image), што бесплатно им е достапен на корисниците преку апликацијата Мета ВИ, како и на платформите Инстаграм и Вацап. Корисниците се загрижени поради можност за нарушување на приватноста.

„Мјуз имиџ“ овозможува генерирање и уредување слики врз основа на текстуални упатства, со однапред подготвени предлози кои им помагаат на корисниците полесно да создадат содржина. Апликацијата овозможува и отстранување на несакани лица од фотографии, креирање персонализирани Куј-ер кодови, изработка на рекламни визуелни материјали и симулација на изгледот на мебел во простор, со поврзување со Фејсбук маркетплејс.

Најголема дилема предизвика функцијата која им овозможува на корисниците со помош на вештачка интелигенција да обработуваат фотографии на други лица од јавни профили на Инстаграм. Доволно е само да се означи корисник, по што системот може да ги искористи неговите фотографии за креирање нови слики генерирани со вештачка интелигенција.

– Ваквата можност отвора сериозни прашања за тоа колку е заштитена приватноста на корисниците, особено, затоа што можат да се искористат нивните фотографии без да бидат известени, предупредуваат критичарите.

„Корисниците можат да ја исклучат оваа опција во поставките за приватност, но функцијата е стандардно активирана“, се наведува во соопштението на Мета.

Според експертите, компанијата повторно применува модел според кој податоците се користат сè додека корисникот активно не побара поинакви поставки. Мета, меѓу другото, претстави и нови ВИ-ефекти на Инстаграм кои овозможуваат автоматска трансформација на фотографии со помош на приспособливи филтри.

„По ова, следи уште еден новитет, „Мјуз видео“, наменет за генерирање видеосодржини со помош на вештачка интелигенција, соопшти компанијата.

Основната верзија на апликацијата ќе биде достапна бесплатно, додека пак, за премиум услугата ќе биде потребна одредена претплата. 

МИА

Најчитани вести