Кривични пријави за насилниците кои предизвикаа тепачка во центарот на Скопје

СВР Скопје  со кривична пријава до Скопското јавно обвинителство ги предаде лицата Х.М. (25), Б.С. (28), З.Ј. (26) И Љ.П. (27)  сите од Скопје, поради постоење основано сомневање дека на 25-ти овој месец околу 03:30 часот, во централното градско подрачје, без никаков повод и причина, во два наврати предизвикале и учествувале во тепачка, при што седум лица се телесно повредени, а едно лице е тешко телесно повредено и животот му е во опасност.

За сторените кривични дела „тешка телесна повреда“ и „учество во тепачка“, предвидени и казниви по член 131 и 132 од Кривичниот законик на РМ, истражен судија на првопријавениот Х.М. му одредил мерка притвор во траење од 30 дена, а на останатите тројца пријавени мерка притвор во траење од по осум дена.

Како што стои во соопштението од МВР, настаните според досегашните сознанија немале никаква заднина или друг мотив, освен насилниот карактер на пријавените, кои во раните утрински часови, во близина на хотелот „Холидеј Ин“ при разминување со тројца младинци на возраст од 20 години, со дофрлување и вулгарности предизвикале тепачка, нанесувајќи им телесни повреди, по што се упатиле кон мостот на река Вардар, каде пресретнале други четворица младинци на возраст исто така од 20 години и без никаков повод и причина ги нападнале, при што едно 19-годишно момче од страна на првопријавениот Х.М. било удрено со камен во главата.

По ова пријавените се упатиле во непознат правец, а 19-годишното момче во бесознание е однесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде му е констатирано крварење во мозок, се наоѓа во бесознание и животот му е во опасност, а кај другите шестмина нападнати се констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош се пратени на домашно лекување.

По дознавањето за настанот полициски службеници од Единицата за истрага на местото на настанот извршија увид, при што се подигнати траги и е пронајден каменот со кој е удрено момчето, чиј живот е во опасност.

Пријавените се пронајдени и од нив се земени облека, а во службените простории на Полициската станица Кисела Вода е извршено препознавање, при што оштетените со сигурност ги идентификуваа пријавените како лица кои ги нападнале.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести