Ви го пренесуваме целосниот текст од реакцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на статијата „Битолските тутунари незадоволни од цената“:
Во врска со Вашиот прилог сакаме да информираме дека заради превенирање на можни манипулации во врска со проценката на квалитетот на тутун донесовме закон согласно кој секој тутунар кој од разни причини се сомнева дека неговиот тутун не се проценува соодветно на квалитетот има можност веднаш да се обрати до министерството за земјоделство и Државниот инспекторат за земјоделство на број кој е јавно објавен на секој откупен пункт и да повика инспектори и комисија кои ке бидат веднаш испратени да ја утврдат фактичката состојба и да ја утвдат вистинската вредност и класа на тутунот. Во наведениот случај во вашиот прилог лицата кои симболично палеа тутун не ја искористија законската можност и не се јавија кај надлежните, што ни дава основа да имаме сомнеж дека се работи за определена манипулација и политизација на настанот со цел внесување тензија во период кога се очекува откупна година. Ги охрабруваме земјоделците тутунари доколку на било кој начин сметаат дека се дискриминирани веднаш да ја искористат законската можност затоа што тоа е начинот на реакција. Истовремено известуваме дека и оваа година важат субвенциите од 1 евро за килограм тутун, субвенција која е историски највисока, и која во време на претходни политички гарнитури и влади кои денес инспирираат вакви настани и манипулации или се обидуваат да капитализираат од нив, не постоела. Апелираме на конструктивен однос и од страна на производителите и од откупувачите на тутун, на воздржување на манипулации или злоупотреби на годинешниот откуп на тутун, институциите ке обезбедат правичност согласно законите и фактичката состојба на терен а тутунот ке се цени согласно класите и квалитетот.


