Седуммина приведени во полициска акција за незаконска трговија со железо и метални производи

Седум од 14 члена на криминална група која се занимавала со незаконска трговија со железо и метални производи се приведени во денешната полициска акција „Отпад“ и предадени на истражен судија при Основен суд Скопје 1, а по останатите се трага.

Разбиена е криминална група која, информираше денеска портпаролот на МВР Иво Котески, подолг период и нанесуваше двојна штета на државата и тоа од финансиски аспект преку затајување даноци и од аспект на стимулирање на незаконската трговија со железо и метални производи, односно поттикнување на зачестените кражби на метал.

До Основното јавно обвинителсство за гонење организиран криминал и корупција Скопје поднесена е кривична пријава против 14 физички лица: А.Н.(34), поранешен основач и управител во друштвата „Николчев Компани“ ДООЕЛ и „Николчев Груп“ ДООЕЛ, Д.С.(29), поранешен содружник и управител во друштвото „Николчев Груп“ ДООЕЛ, сега основач и управител на ТП „Дасто“ 2012, С.И.(34), основач и управител на „Глобал интернешенел“ ДООЕЛ, тројцата од Скопје, Д.С.(35) од Велес, основач и управител во друштвото „Стојановски рециклинг“ ДООЕЛ, Л.Д.(35) од Велес, поранешен управител во „Глобал метал скрап“ ДООЕЛ, Д.Ш.(36) од Велес, управител во друштвото Глобал метал скрап ДООЕЛ за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночно затајување“, К.К.(33) од Охрид, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночно затајување“ во врска со „поттикнување“, Р.Т.(40) од Скопје, основач и управител на друштвата „Алучел“ ДООЕЛ и „Отпад маце“ ДООЕЛ, А.Т.(26) од Охрид, основач и управител на „Тадиќ рисајклинг“ ДООЕЛ за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и Б.М.(35) од Крушево, основач и управител во „БМ Мамудовски“ ДООЕЛ, А.Т.(37) од Скопје, основач и управител на „Метал процес терм“ ДООЕЛ, Скопје, Ѓ.И.(35) од Скопје, основач и управител на „Маестрал плус“ ДООЕЛ, за сторени кривични дела дело „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ во врска со „помагање“ од Охрид, основач и управител „Стилворк“ ДООЕЛ, Н.Т.(29) од Охрид, основач и управител „Стилворк“ ДООЕЛ за сторени дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и против правното лице „Глобал метал скрап“ ДООЕЛ од Велес за сторено кривично дело „даночно затајување“.

Криминалната група, информира Котески, е формирана во 2010 година од страна на четворица од осомничените со формирање на правното лице „Николчев груп“, преку кое започнале со вршење на даночното затајување.

– Во текот на 2011 година, против дел од членовите на криминалната група веќе беше поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „даночно затајување“ (случај „Ариел“) и против нив е во тек судска постапка. Покрај поднесената пријава, членовите на групата продолжиле со вршење на истите кривични дела, но го смениле начинот на делување, односно основале повеќе правни лица (Тадиќ рисајклинг, Стилворк, отпад Маце) каде што како основачи и управители во Ценралниот регистар запишале лица со низок материјален статус, а со истите фактички управувале организаторите на криминалната група, изјави портпаролот на МВР. Овие правни лица, појасни, биле користени за изготвување лажни фактури за плаќање на извршен наводен откуп на отпадно железо со преметан ДДВ кои ги насочувале кон правните лица Николчев Груп ДООЕЛ и Ника скрап ДООЕЛ. Со лажните фактури се покривал откупот на отпадно железо кое го вршела криминалната група „на црно“ за кое плаќањето се вршело во готовина надвор од платниот промет. Со плаќањето на лажните фактури на сметките на наведените правни лица се обезбедувал прилив на поголеми износи на парични средства кои се подигани како готовина и користени за набавка на нови количини на отпадни суровини од дивите собирачи надвор од платниот промет „на црно“.

Организаторите на криминалната група како посредници за продажба на отпадните суровини набавени „на црно“ ги користела правните лица Стојановски рециклинг ДООЕЛ и Ника скрап ДООЕЛ кои имале склучено договор за продажба на отпадни суровини со „МАКСТИЛ“ АД.

Со одлука на Владата од мај 2012 година и со измени на Законот за управување со отпад во септември 2012 година извршено е ограничување на откупот на отпадни суровини од физички лица. Плаќањата мора да бидат извршени преку трансакциска сметка, а со измените на законот се ограничува максималниот износ на 30.000,00 денари на годишно ниво за физичко лице кое ќе предаде отпадни суровини во правни лица кои вршат откуп. Поради наведените законски и подзаконски измени, криминалната група ангажирала посредници кои за одреден паричен надомест набавиле трансакциски сметки и фотокопии од лични карти од околу 500 физички лица од повеќе градови односно во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп и Струга, на кои се префрлани најчесто по 30.000,00 денари за „наводно“ извршен откуп на отадни суровини.

Криминалната група за „наводниот“ откуп на отпадно железо од овие физички лица, информира Котески, изготвувала лажни кантарни белешки од правните лица со кои располагала.

– За извршената услуга физичките лица добивале од 500 до 1.000 денари. Поради неможноста да обезбедат доволно трансакциски сметки од физички лица членовите на криминалната група во 2012 година го формирале правното лице ТП Дасто 2012 кое го користеле за изготвување на лажни фактури со пресметан ДДВ за потребите на правното лице Глобал Метал Скрап со што му овозможувале на ова правно лице да се обезбеди со влезен ДДВ кој потоа неосновано бил пребиван со излезниот ДДВ. Воедно со плаќањето на лажните фактури на сметката на ТП Дасто 2012 пристигнувале големи приливи на парични средства, кои Далибор Стојмановски ги подигал како готовина, со што криминалната група, и покрај законските ограничувања, успевало да се стекне со поголеми износи на готовина за набавка на нови количини отпадно железо надвор од платниот промет (на црно), образложи помошник-минситерот за односи со јавност во МВР.

Котески истакна дека затаен е ДДВ во вкупен износ од 54.466.589 денари и персонален данок во вкупен износ од 20.660.137 денари, односно по двата основи да затаи данок во вкупен износ од 75.126.796 денари.

МВР денеска изврши претреси во домовите на три физички лица и во 2 правни лица при што пронајдени се компјутери и документација од друштвата со кои располагале членовите на криминалната група.

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести