Секторот за внaтрешни работи на Град Скопје информира дека за денеска нема најавено вонредни настани и се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката регулатива. Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден извршила увид на вкупно 10 сообраќајни незгоди, од кои шест се со материјална штета, три се со последици телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле три лица, еден возач на патничко моторно возило, еден мотоциклист и еден пешак.
Како што соопшти Драган Вељановски, инспектор во Одделението за превенција во сообраќајот при СВР Скопје, вчера во 16 часот на улица „Лука Геров“ во близина на куќен број 7, се случила незгода во која учествувале патничко моторно возило „голф“ со скопски регистарски таблички управувано од граѓанин на Скопје и мотоцикл со скопски регистарски таблички, управувано исто така од скопјанец. Како последица од незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот.
– Според нашата евиденција, случени се и пет незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај, вели Вељановски.
Во текот на изминатите два дена од страна на сообраќајната полиција откриени се поголем број на прекршоци. Од нив, тој ги издвои преземените мерки по некои потешки прекршоци. Четворица возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол, петмина возачи не отстапиле првенствено минување на пешаците на обележан пешачки премин, седуммина возачи кои што не го почитувале ограничувањето на брзината на движење и 12 возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците.
Со помош на специјалното возило „пајак“ се отстранети 72 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Инаку, отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај денеска ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Ристо Крле“ во село Кадино, општина Илинден, со учениците од прво, второ, трето и четврто одделение.


