ЕКСКЛУЗИВНА СТОРИЈА: Која е приказната за убиениот наркобос Џељал Ајети – Џељо?

Пред чајџилницата Џељо во Ченто вчера вечерта беше убиен нејзиниот сопственик Џељал Ајети – Џељо. Непознат, маскиран напаѓач влегол во чајџилницата и почнал да пука со авоматската пушка. На лице место е убиен Џељал, во одредени кругови познат како Џељо, а две лица со тешки повреди и се префрлени на скопските клиники. Засега се уште нема информации каква е нивната состојба.

Но кој е всушност Џељо? Порталот „Мактел“ истражуваше на оваа тема и направи една интересна хронологија на настаните кои можеби довеле до оваа пресметка во Ченто.

djejo13 djelji12

Од фотографиите кои можат да се најдат на интернет од Џељал може да се види дека тој бил близок и до големи и славни бизнисмени како омилениот владин новопечен олигарх Орце Камчев на пример, што може да се види од следните фотки (Џељо е на првата слика втор од лево, а на втората најдесно).

Џељо на македонската јавност ѝ стана познат по жестоката пресметка со фамилијата на Миле Петковиќ познат по прекарот Брус, која поседувала кафеани и куќи во Маџари. За оваа војна во сторија од весникот Вест од 6/23/2005 по еден напад на луѓето на Џељо на кафеаната и куќите на Брус кои се случиле тој јуни во 2005-та се вели:

Миле Петковиќ, познат по прекарот Брус, сопственик на изрешетаната куќа, тврди дека се работи за одмазда за тепачка која се случила во негов ресторан пред три месеци:

-Ова е освета оти пред три месеци Џељо од Арачиново и брат му правеа проблеми во мојата кафеана. Се пукаше, по што брат му на Џељо Неџмедин Ајети беше повреден и по неколку дена умре, тврди Миле Петковиќ, познат по прекарот Брус, чија куќа и ресторан во скопската населба Маџари вчера утро беа изрешетани со куршуми и минофрлач.

-Беше рано наутро. Наеднаш сè почна да се тресе и грми. Целото семејство спиеше. Од буката се разбуди и се вознемири внуката. Јас се стрчав да видам што се случува. Скокна цело Маџари и Сингелиќ, раскажуваше вчера Брус.

-Пукаа со калашникови. Сите беа маскирани и во црни униформи. Едниот кој со минофрлач гаѓаше во куќата бил облечен во одело со лептир машна, вели Брус.

Според кажувањата на соседите, црн „голф“ и такси-возило неколку пати се движеле по улицата нагоре-надолу. Биле пет-шест непознати луѓе кои по пукањето набрзина со возилата избегале. Од пукањето со над 60 куршуми биле изрешетани куќата на Брус, соседните куќи , ресторанот „Боб Ден“ и еден автомобил „фиат пунто“, паркиран пред кафеаната.

-Не знам што значи ова. Зет ми, кој го застрела братот на Џељо, утре излегува од притвор. Чудно е зошто пак полицискиот началник од Гази Баба беше вчера кај мене. Јас во државава повеќе не верувам оти од неа немам никаква заштита, вели Брус.

-Сакаат да ми ја уништат кафеаната. Таа е идеална. Јас во неа вложив и од неа треба да живеам, објаснил Брус.

brus

Полицијата вчера изврши увид на местото на пукањето и трага по маскираните. Околу пладне кај куќата на Брус дојде и Ацо Африка, негов сосед чија куќа пред неколку месеци, исто така, беше гранатирана, но тогаш бомбите не пукнаа.

Оваа пресметка сепак лошо завршила за Миле Петковиќ Брус затоа што во ноември истата година сепак се чини дека луѓето на Џељо успеале да го ликвидираат по неколкуте неуспешни обиди. За ова во сторија во Утрински се вели:

Убијците на Миле Петковиќ – Брус (56) сe уште се во бегство. Но само неколку часа по убиството на скопјанецот Миле Брус,  што се случи пред неговиот ресторан „Кај Брус“ во населбата Маџари, полицијата го најде автомобилот за кој се верува дека го користеле напаѓачите. Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека возилото „форд орион“, со кое се претпоставува дека дошле убијците во Маџари и го убиле Петковиќ, најдено е во близина на бензинската пумпа „Давос“, на излезот од населбата Ченто. Оттаму и потврда дека автомобилот е опожарен, веројатно, со намера да се прикријат трагите на нападот. Опожарениот „форд“ е однесен во полициска лабораторија и е извршен увид, а потоа е преземен од други полициски експерти заради натамошна криминалистичко-техничка обработка. Што се однесува до другиот дел на истрагата што ја води полицијата не се соопштуваат други детали. Кусо се соопштува дека „се преземаат интензивни мерки и активности за откривање на сторителите и целосно расчистување на случајот“.

brus1

Според наши сознанија, врз телото на убиениот е извршена обдукција од експертите на Институтот за судска медицина. Таа траела неколку часа,  некаде до полноќ во неделата, а комплетниот наод ќе му биде доставен на истражниот судија што го води овој случај. По обдукцијата телото му било предадено на семејството.

За познавачите на состојбите овој случај се квалификува како крвна одмазда. Смртта на Миле Брус претставува одмазда за убиството на Неџмедин Ајети од Арачиново. Како нарачател на претходниот напад што се случи пред еден и пол месец над семејството на Миле Брус се спомнува извесен Џељо, но полициските проверки не ги потврдија ваквите обвинувања. Како што дознаваме, тој никогаш не се доведувал во врска со инцидентот, а за него немало ни кривични пријави.

Нетрпеливоста меѓу семејствата Петковиќ и Ајети трае од март годинава. Тогаш имаше голема пукотница во ресторанот на сега покојниот Миле. Во пресметката потешко беше ранет Неџмедин Ајети, кој по неколку дена минати во болница им подлегна на повредите. Осомничени за тоа убиство, наводно, биле сега веќе убиениот Миле Петковиќ, потоа неговиот брат, синот и зетот. Првите тројца извесно време минаа во затворот во Шутка, но само зетот Дејан Јовановски е задржан. За можни мотиви за пукањето во ресторанот се спомнуваше неисполнета нарачка на песна, но и наводен долг од неколку илјади евра. Со оглед на тоа дека вистинскиот мотив за пукањето никогаш официјално не беше соопштен по ова убиство, поширокото семејство на Миле Петковиќ-Брус беше цел на напади.

По нападот што се случи во втората половина на јуни годинава врз семејството Петковиќ, Миле Брус изјави дека тоа е втор напад врз него и неговите најблиски и дека знае кој стои зад нападите. Тогаш тврдеше дека полицијата е таа што треба да го истражи случајот докрај со цел да дојде до вистината. Постојат одредени сознанија што упатуваат на заклучокот дека Миле Брус инсистирал на смирување на страстите и дека во таа насока била и средбата со актуелниот министер за внатрешни работи, Љубомир Михајловски-Џанго, кој со неколкумина свои соработници, наводно, бил гостин во ресторанот „Боб Ден“, кој, исто така, беше демолиран во јунскиот напад. Дали дошло до ваква средба и што било договорено на неа, не можевме да дознаеме официјално. Но, по инцидентот, како и по завчерашниот напад, полицијата информираше дека цел на нападот биле три куќи на семејството Петковиќ и дека во нападот учествувале две маскирани лица. Неофицијално дознавме дека во текот на предистражната и истражната постапка ќе биде разјаснето и барањето од страна на сега убиениот Петковиќ, но и на членови од неговото семејство за заштита од напаѓачите и за тоа дали е дадена заштита и во каков вид.

Потоа преку сторија на новинарот Огнен Чанчаревиќ во „Нова Македонија“ од април 2010 дознаваме за друга војна на луѓето на Џељо со друга банда. Сторијата е по повод убиство на 15 годишник во Арачиново кој излегува дека бил внук на Џељал Ајети – Џељо:

„Борбата за превласт во скопското подземје меѓу двете најголеми и најсилни криминални групи во земјава продолжи викендов со инцидент во скопското село Арачиново, каде што ладнокрвно беше убиено петнаесетгодишно момче. Жртвата овој пат е колатерална штета, а грешката му била само тоа што е роднина на водачот на едната криминална банда.

Станува збор за Љуљзим Лимани (15), кој бил изрешетен со неколку куршуми и починал веднаш по нападот.

Убиството се случило околу 16.30 часот, во кафуле сопственост на Џелал Ајети (43), кое се наоѓа на улицата Антон Попов во месноста Економија. Според официјалните полициски информации, во кафулето влегол вооружениот напаѓач и испукал десетина куршуми, од кои неколку завршиле во телото на Лимани, кој во моментот бил сам. Убиецот потоа ладнокрвно и не брзајќи го извадил компјутерот на кој се снимал записот од камерите за обезбедување, излегол надвор каде што го чекал автомобил и побегнал. Телото на убиеното момче го нашол негов роднина неколку минути по нападот.

Како што дознаваме, од полициски извори, целата на нападот повторно бил Ајети, а нападот бил организиран и извршен од неговите ривали, криминалната група од Дуќанџик предводена од Орхан Бајрами викан Оки. Местото на нападот и начинот укажуваат на тоа. Убијците го „снимале“ кафулето на Ајети, во кое тој често седел, и одлучиле дека таму е најдоброто место за ликвидација. Според нашите извори во истрагата, нападот бил извршен од три лица, бидејќи очекувале во кафулето да биде Ајети со своите најблиски соработници, кои секогаш се вооружени.

Во текот на вчерашниот ден полициските специјалци вршеа претреси во домови и објекти сопственост на членови на двете криминални групи. Екипа на „Нова Македонија“ беше сведок на еден од тие претреси, кој беше вршен во Капиштец.

Според информациите од скопското подземје, за ова убиство ќе следува сурова одмазда. Нашите соговорници тврдат дека Ајети овој пат ќе врати со иста мера, односно ќе има нова ликвидација, но овој пат жртвата ќе биде од групата на Бајрами.

Причина за војната во скопското подземје според безбедносните извори е исклучиво профитот. Трговија со дрога и оружје, рекет и лихварство се главните „стопански гранки“ на криминалните групи, а според грубите претпоставки од нив се инкасираат и по неколку стотини илјади евра месечно.

Со години како лидер, пред сé поради бројноста, јачината и финансиската стабилност, се сметаше криминалната група предводена од Ајети, позната како „Беланоца“. Во тоа време во Скопје егзистираа уште неколку силни криминални групи, како оние во Кондово и од Грчец, но тие пред сé беа политички определени, па брзо згаснаа, односно беа разбиени и уништени од полицијата.

Криминалната група од Дуќанџик, која сега се обидува да му го одземе приматот на Ајети, се појави пред околу четири години и мудро, без никакви конфликти во криминалните кругови или, пак, јавни и отворени судири со законот и полицијата, успеа да регрутира доволно членови и да ги зајакне своите врски.

Хронолошки гледано, отворените конфликти почнаа пред две години, со навидум безопасни и случајни физички пресметки, кои малку или воопшто не се третираа во јавноста. На тепачката во кафулето „Тренд“ беше одговорено со ракетирање на домот на Кољо Николовски познат како Кољо Американац, кој му е соработник на Бајрами, односно се од иста страна во овој конфликт. Следниот инцидент се случи во кафулето „Инсомнија“, кога, случајно или не, беше испукан куршум што му откина прст на Николовски. Тоа поведе нова лавина судири. Оттогаш беше и прогласена „воената состојба“, која со прекини од по три-четири месеци трае и денес.

Куршумот во „Инсомнија“ беше испукан од пиштолот на Дејан Пановски-Дешо. Подоцна тој беше пресретнат во влезот од зградата во која живеел и во него беа испукани седум куршуми. По двонеделна кома тој заздраве од повредите и во моментов се наоѓа на сигурно – во затворот „Идризово“. Следуваше уште една физичка минипресметка во кафуле на улицата Ленинова.

Имаше и бомби поставени под автомобилите на Ајети и неговата десна рака и долгогодишен пријател Агим Шерифи. Во август минатата година се случи исчезнувањето на скопјанецот со прекар Овца, соработник на Ајети, а кратко време потоа Агим Шерифи, близок пријател на Ајети, беше најден мртов на дива депонија над селото Арачиново.

Увидот покажал дека се работи за класична ликвидација, бидејќи во него било пукано од близина, и тоа во градите и во главата. Шерифи беше познат по својот темперамент и брзата и лесна рака. Годинава почна со двете бомби во домот на Ајети и на неговиот близок соработник Јахија Ибрахими. Следуваше одговор – „зоља“ испукана во семејната куќа на Бајрами во Дуќанџик.

Во врска со последното убиството МВР нема осомничени. Оттаму, како и по обичај, кога станува збор за пресметките меѓу овие две криминални групи, одговорот е „истрагата е во тек“.

Инаку Арачиново одсекогаш важело за криминално дувло на десетина банди. Ситуацијата пред појавата на групите на Ајети и Бајрами била следна:

Цели семејства од албанско етничко потекло од скопското село Арачиново се вклучени во организиран бизнис со дрога и оружје, велат извори од македонската полиција.

– Овие семејства одамна им се познати на службите и против нив се водени повеќе кривични постапки поради организирање и транспорт на големи количества дрога и оружје. Меѓу овие семејства е и она на Назми Сулејмани, кој сега се претставува како командант на ОНА со псевдоним Волк. Неговото семејство е познато по тоа што се занимава со организиран транспорт на дрога и оружје, а еве сега и со тероризам. Тие се и самите зависници од дрога – велат во полицијата.

Заедничко на овие семејства им е тоа што „бизнисот“ го водат во повеќе или помалку организирана форма.

На судско-полициските органи одамна им е познато семејството Мамути, кое се занимава со транспорт на хероин во западноевропските земји. Дел од дрогата препродаваат и во Македонија. Главен организатор на „бизнисот“ е Кенан Мамути, а во него се вклучени и неговите браќа. На повисок степен на организираност „работи“ семејството Пајазити. Тие хероинот го набавуваат во Турција, па преку Македонија го носат на Косово. Оттаму дрогата патува во Германија, каде што повремено работи главниот на семејството, Ерхан Пајазити. Досега тие неколкупати успеале да прошверцуваат по десетина килограми хероин по овој канал. Слична е и организацијата на „работата“ на семејството Бајрами. Членовите на ова семејство, чиј „бос“ е Осман Бајрами, на поорганизиран начин транспортираат и дилуваат дрога во Македонија и во западноевропските земји.

На јавноста ѝ е веќе позната фамилијата Асани, чии членови беа апсени, а некои и судени по убиството на тројцата полицајци во Арачиново, во јануари минатата година. Поради недостиг од докази дека учествувале во убиството на полицајците, судот ги ослободи. Освен по ова, членовите на ова семејство се познати и по транспорт на хероин. Главен е таткото Зија Асани, а со него работат и неговите синови Џељо и Амет и други роднини. Некои од нив се зависници од дроги.

Како извршители на имотни деликти се познати членовите на семејството Сали. Тие на организиран начин вршат разбојништва и тешки кражби. Украденото, потоа, по однапред договорен план го препродаваат. Најпознати членови на ова семејство се Сабедин и Феџран.

ИЗВОР: Мактел

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести