Топлотниот бран што зафати голем дел од Европа ги алармираше властите и службите во Франција и Германија, а им создаде проблеми и на туристите и жителите во Италија, додека температурите достигнуваат рекордни нивоа.
Францускиот премиер, Себастијан Лекорну, за денеска свика кризен состанок откако националната метеоролошка служба „Метео Франс“ предупреди дека тропските температури ќе продолжат и следната недела, споредувајќи го актуелниот бран со екстремните горештини од 2003 и 2019 година.
Следните денови се прогнозираат температури од 39 до 40 степени Целзиусови на потегот од југозападот на земјата до парискиот регион, а во некои подрачја се очекува тие да достигнат и 41 степен.
Во Германија, исто така, се издадени предупредувања за горештини во речиси целата земја, каде температурите се приближуваат до 38 степени. Германската метеоролошка служба предупреди дека комбинацијата од високи температури и влага може да предизвика појави на силно невреме со грмотевици.
Од другата страна на Алпите, температурите во Италија кои достигнуваат 36 или 37 степени, веќе го нарушија секојдневието на населението и престојот на многу туристи.
За туристите пред Колосеумот во Рим, летната жештина се претвори во вистински тест на издржливост. Дел од нив побараа засолниште во постудените подземни простории под остатоците од храмот на Клаудиј.
Во Болоња, еден од најтоплите градови на Апенинскиот Полуостров, луѓето се разладуваа прскајќи си вода на лицето кај фонтаната на Нептун од 16 век и барајќи сенка под тремовите. Во Варшава, пак, жителите спас од горештините барале на популарните места покрај реката Висла.
Научниците предупредуваат дека климатските промени ги прават топлотните бранови почести и поинтензивни низ Европа, со што се зголемува ризикот од здравствени шокови, но и последици по стопанствата во летниот период.
Париските власти презедоа мерки за ублажување на последиците врз жителите, а новиот градоначалник Емануел Грегоар нареди градските паркови да не се затвораат.
Економските последици од екстремните горештини, исто така, стануваат се поизразени. Гувернерот на Француската централна банка, Емануел Мулен, предупреди дека тие краткорочно водат до намалена продуктивност и зголемена потрошувачка на енергија, додека на среден рок дополнително ја оптоваруваат економската активност.
МИА


