Златен накит вреден околу 180 илјади денари е украден синоќа од куќата на Б.Ј.(32) на улицата „Саво Поповски“ во Тетово. Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, денеска информира дека непознати сторители провалиле во куќата во периодот меѓу 18 и 22 часот додека сопственикот и неговото семејство не биле присутни. Тие најпрвин насилно ја отвориле металната врата во дворот, а потоа и прозорец во приземјето по што ги пребарале дневната соба и спалната на првиот кат и се качиле на вториот кат каде од спалната од комода го украле златниот накит. Полицијата извршила увид, подигнала траги за вештачење и работи на откривање на сторителите.
За девет месеци од годинава во Тетовско, според полициската статистика, се случиле 50 тешки кражби на злато и златен накит, чија вкупна вредност се проценува на околу 24 милиони денари. Најголем дел на кражбите се случиле во станови и куќи.


