Возач и пешак полесно повредени во две сообраќајки во Скопје

Сообраќајната полиција во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје извршила увид 10 сообраќајни незгоди. Од нив осум се со материјална штета, а во две има повредени, при што со полесни телесни повреди се здобиле еден возач на патничко возило и еден пешак, се вели во извештајот на МВР. Според полициската евиденција се случиле уште две незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај.

Во текот на вчерашниот ден преземени се мерки кон 12 пешаци кои преминале вон обележан пешачки премин или, пак поминале на црвено светло на семафорот за пешаци и петмина возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин.

Меѓу останатите откриени прекршоци се и преземените мерки кон 10 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, седуммина кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците, 17 возачи кои непрописно ги паркирале возилата на пешачките премини, автобуските стојалишта и во зона на крстосница.

Што се однесува до непрописно паркираните возила, во текот на вчерашниот ден со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети биле 62 возила кои го попречувало нормалното одвивање на сообраќајот.

Во рамките на превентивните активности Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај ќе одржи предавања во ОУ „Гоце Делчев“ во Илинден со учениците од четврто одделение.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести