На Петтото продолжение на 77. Седница на Собранието на Република Македонија зборуваше пратеникот Митре Велјаноски од опозициската СДСМ.
-Навистина ми е драго што на 6 декември вечерва, спроти 7 декември 2013 година, разговараме за употребата на македонскиот литературен јазик. Господа пратеници, утре се навршуваат 20 години од смртта на човекот кој целиот свој живот, целиот свој научен и работен век го посвети токму на македонскиот литературен јазик, започна Велјаноски.
-Токму во очи на 20 годишнината од смртта на Блаже Конески, да прозбориме дека Република Македонија, државата, Владата, Министерството за култура не води доволно сметка за заштита на македонскиот литературен јазик.
Сите претпријатија, сите трговски друштва, сите правни лица, називите, рекламите, сето тоа треба да биде на македонски јазик и со кирилично писмо. Него го нема.
Тоа писмо изумира во главниот град на Република Македонија, истакна Велјаноски.
-Мојот став околу проектот Скопје 2014 и антиквизацијата, е тој проект ќе биде погубен, токму на идентитетски план, бидејќи ќе направи конфузија во идентитетот на Mакедонецот, посочи Велјаноски.
-Жалосна е сликата кога ќе се види тоа мало спомениче на Мисирков до импозантната триумфална порта, како изгледа. А тоа е човекот кој ги постави научните темели на македонскиот литературен јазик, рече пратеникот од СДСМ.
-Вториот сегмент за идентитетот на мојата татковина е културата и културното наследство. Не му бранам никому да си ја почитува својата татковина, да си ја сака својата нација. Но, не може господинот Стоилкович на реакција на СДСМ за поставувањето на Цар Душан во Скопје да не нарекува фашисти и талибанци. Тоа е говор на омраза, истакна Велјаноски.
-Вториот најзаслужен во градењето на Српската православна црква кој добива споменик во мојот главен град, а таа православна српска црква ја негира Македонската православна црква.
Имам ли ја право да поставам дека тој лик за мене е контроверзен и дека не се согласувам неговиот споменик да биде во главниот град на мојата татковина.
Каде е Македонската православна црква? Имаме ли синод да се изјасни, дали Душан силни, Стефан, Урош, дали тој човек е контроверзен или не е? Тоа е прашањето што СДСМ го постави, рече Велјаноски.
-Од оваа говорница секогаш кога ќе сметам дека е загрозен идентитетот, националниот интерес на мојата татковина по цена на се, гласот ќе го кренам. Тоа е прашање на кое треба да се даде одговор. А не да се бега, министерката за култура да кажува дека таа не го поставила.
Имам право на тоа. И секогаш во името на својата нација, во името на својата татковина, тие прашања ќе ги поставувам, рече Велјаноски.
-На цар Душан местото за споменик не му е овде. Српската православна црква без ниту еден аргумент ја спори автокефалноста на Македонската православна црква. Тој лик по таа логика е контроверзен за мене како Mакедонец, порача Велјаноски.
-Каде е Македонската православна Црква да се изјасни за Душан Силни – праша Велјаноски.
Повеќе во видеото:


