Власта и неколку гребатори околу неа, ја решија мистеријата за поставувањето и инцидентот со цар Душан. За да нема празен од, оти МВР, заради сложеноста на дешавката е на викендување, за да не биде народот во заблуда, прво неколку телали на власта од типот на Ивица Боцевски, па по него секретарката на лидерот на Србите, Иван Стоилковиќ, и на крај, разбира се, големиот брат, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, случајот цар Душан го решија едномислечки – медиумите што не ги контролира премиерот биле виновни за целава лакрдија, и се разбира, опозициската СДСМ.
Но не, драги мои, мислам дека такви изговори и мачканици не ви врват кај граѓаните, сем кај вашите слепи послушници. Вината, се знае каде е, а се знае и кој ги смисли и кој прави споменици во државава. Одговорот колку и да не ви се допаѓа е едноставен, нив ги смислува, еве веќе години, лично премиерот Груевски. Ги прави од парите на граѓаните и затоа тие имаат право да знаат зошто дале пари за скришум во мугрите да изникнуваат споменици.
Па нели треба тоа да биде свечен чин, да се соберат пионерчиња, пардон, дечиња со букети цвеќе и да го садат минатото? Неисе, секој има право, кога е начекан, да ми простите, со гол задник, а на оваа власт тоа и стана ко добро утро, вината за да се испере да ја префрли на медиумите соросоиди, или несоросоидни, но не нивни, и на опозицијата.
…
И затоа, јас мислам само лујки и кукавици кога ќе се покакаат, грешката ја бараат во друг, кој избрал да си ја работи професијата, а не да чека инструкции од некој владеачки центар за комуникации. Драги мои, колку и да глумите дека сте лути, ние ќе си прашуваме. Впрочем за тоа и работиме, граѓаните да ги информираме, а не да шириме нарачана пропаганда. Тоа, продолжете да си го правите со вашата новинарска фаланга, и ич да не се надевате дека не фрустрирате ако ни го лепите СДСМ. Не сте први, сме имале и други лепенки од вашиот политички ривал. Значи, се договоривме, вие ако се глупирате, ние ќе прашуваме колку и да ве нервира тоа. Лујки од нас нема да правите, и така ги имате многу.
Колумна „Еј, лујки наши!“ на Ацо Кабранов
Извор: Либертас.мк


