Навика која родителите ја прават од љубов, а всушност му одмага на детето

Желбата да му помогнат на детето во секоја, па и најмала тешкотија, е длабоко вкоренета кај родителите. Некои го прават тоа свесно од љубов, а други целосно несвесно. Потреба за помош се јавува и кога ќе забележат дека детето се мачи да го пронајде вистинскиот збор, поради што често му ги довршуваат речениците.

Ваквата постапка може да биде штетна, бидејќи повременото запирање во говорот е нормален дел од детскиот развој, предупредуваат експертите.

„На децата им е потребно време за да ги организираат своите мисли и да ги пронајдат соодветните зборови со кои ќе ги изразат своите чувства“, напиша Индекс (Index.hr).

– Постојаното прекинување со тек на времето може да ја наруши самодовербата на детето и да поттикне несигурност во говорот. Кога родителот ги пополнува празнините наместо него, му ја одзема можноста самостојно да ги преточи своите мисли во зборови, советуваат експертите.

Еден од најмоќните начини за поддршка на децата е внимателно слушање, со што им се покажува дека се важни. Децата имаат потреба да се чувствуваат ценети, прифатени и сослушани. Кога детето споделува нешто со вас, дури и ако станува збор за ситница, вашето целосно внимание може значително да ја зајакне неговата самодоверба. Па така, наместо да го поправате или брзо да му упаѓате во збор, дајте му простор да се изрази. Не станува збор за тоа дека мора да се согласите со сè што детето кажува, туку да ги признаете неговите чувства и искуства.

Како втор клучен фактор е трпението. Родителството е исполнето со безброј обврски, но трпението е доблест што треба да се негува од најраното детство, па сè до крајот на животот. Таквиот родител создава сигурна средина за детето, што е особено важно во моменти кога тоа се соочува со некаква тешкотија. Истото важи и за ситуациите кога детето се обидува да состави реченица и да се изрази. Кога ќе наиде на трпелив одговор, детето ќе биде поподготвено повторно да се обиде и поотворено ќе ги споделува своите чувства.

– Кога ќе забележите дека детето застанало среде реченица, најдоброто нешто што можете да го направите е да застанете заедно со него. Немојте веднаш да се вмешувате, туку дајте му неколку дополнителни секунди да ги среди мислите и да ги пронајде вистинските зборови, советуваат експертите. Наместо да ја довршувате реченицата наместо него, охрабрете го со поттикнувачки зборови: Нежно, само полека или те слушам, испраќа порака дека ве интересира тоа што сака да го каже, без оглед колку се мачи. Децата нема секогаш да користат совршени зборови или правилно да составуваат реченици. Наместо да ги прекинувате за да ги поправите, фокусирајте се на разбирањето на пораката. Подоцна можете нежно да ги коригирате, додаваат тие.

Според нив, наместо да се претпоставува што детето се обидува да каже, подобро е да му се поставуваат прашања што ќе му помогнат да продолжи, како на пример: „Можеш ли малку подобро да ми го објасниш тоа?“ или „Како се чувствуваше поради тоа?“.

„Децата полесно комуницираат кога не чувствуваат притисок. Опуштените, секојдневни разговори им помагаат да се чувствуваат попријатно додека ги изразуваат своите чувства и мислења. Понекогаш најдобриот начин да му помогнеме на детето да се сети што сака да каже е да му дадеме простор и време да го направи тоа“, заклучуваат експертите. 

МИА

Најчитани вести