Писмо од револтиран студент во „Стив Наумов“

Го пишувам ова писмо бидејќи сум очаен. Јас сум студент и сум сместен во студентскиот дом „Стив Наумов“. Состојбата за живот таму е нечовечна. Условите се ужасни веќе долг период, но сега, сите граници се поминати. Ние сме лишени од многубројни човекови права, а никој не се обидува да го промени тоа.

Да почнеме од бањите. Светлото е вистински луксуз бидејќи сијалици нема. Многупати самите купуваме сијалици за утрешниот ден да видиме дека ги нема. За тоа не ги обвинувам студентите, туку студентскиот дом бидејќи тие се должни да ни дадат сијалици кога ќе прегорат, а ние мора да купуваме сами. Што се случува кога среде ноќ прегори сијалицата а Вие учите за утрешниот испит? Потоа, тука се тушевите, кои практично ги немаме. Последниот пат кога се капев тоа го правев со црево бидејќи слушалката беше извадена.

Поголем проблем е мензата, која ја затворија поради реновирање. Сите ние јадевме од таа менза и во бифето нема доволно место, ниту храна за секого. Доволно храна нема ниту во продавницата. А, доколку забележите дека нешто било донесено во неа, подгответе се да чекате огромни редици за да купите барем еден производ, кој најверојатно нема да Ви биде доволен за да се прехраните.

Во собата имаме безброј бонови кои ги плаќаме секој месец, а не можеме да ги искористиме. Пари трошиме отстрана бидејќи мора да преживееме. Јадеме секаде освен во домот, иако тоа треба да ни биде обезбедено.

Ова не се единствените проблеми со кои се соочуваме ние во „Стив Наумов“. Но на останатите веќе се навикнавме. Стопати се пожаливме за нив и не се случи ништо. Затоа, решив да Ви пишам за она што е најново овде и кое прави да се чувствуваме дека живееме како животни, не како луѓе. Се надевам дека некој ќе го прочита писмово и ќе направи нешто во врска со нашата ситуација.

ИЗВОР: Fakulteti.mk

Најчитани вести