По вчерашната изјава на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска дека протестот одржан на 23 октомври 2013 г. не бил најавен, како Иницијативен одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски сакаме уште еднаш да потсетиме, како што го сторивме тоа и претходно со јавно соопштение, дека ниту во Уставот, ниту во Законот за јавни собири пријавувањето протести не е обврзувачко.
Имено, според член 21 од Уставот на РМ „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола“, a според член 3 од Законот за јавни собири „заради интересите на безбедноста организаторот на јавниот собир може да го извести Министерството за внатрешни работи за одржување на јавниот собир и мерките што се преземени за неговото одржување“.
Истовремено, ја потсетуваме министерката дека уште при најавувањето на настанот во јавните медиуми, на порталите и на социјалните мрежи, Иницијативниот одбор беше наведен како организатор. Во текот на одржувањето, пак, изјави даваа наши претставници, кои објаснија зошто избравме протестот да го одржиме токму тој ден и токму пред Музејот на револуционерната борба. Од тие причини, зачудени сме од изјавата на министерката Јанкуловска дека „оние кои го инспирирале и го организирале протестот почувствувале дека треба да останат анонимни“.
Иницијативен одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски
Зоран Димитровски, Жанета Трајковска, Тамара Чаусидис, Фросина Димеска, Сашка Цветковска, Билјана Секуловска, Александар Манасиев, Јадранка Костова, Билјана Петковска, Владо Апостолов, Срѓан Стојанчов


