МЖ „Транспорт“ ќе добие 150 нови товарни вагони

Македонски железници „Транспорт“ ги зајакнува капацитетите за превоз на стока со 150 товарни вагони. Договорот за набавка на вагоните го потпишаа денеска директорите на МЖ „Транспорт“ Оливер Дерковски и на словачката компанија „ЖОС Трнава“ Владимир Пор во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Со набавката во вредност од 13.208.750 евра МЖ „Транспорт“ ќе добие 75 отворени вагони и исто толку плато вагони. Отворените вагони се наменети за превоз на растресита стока како руда и јаглен, додека плато вагоните се од современ тип за превоз на контејнери, производи од метална индустрија…

Според министерот Јанакиески, 2014-та ќе биде година на инвестиции во железничкиот сектор. Покрај денеска склучениот договор, посочи Јанакиески, во тек е набавка и на шест нови железнички гарнитури за патнички превоз.

Директорот на МЖ „Транспорт“ истакна дека набавките се прв чекор за промени во железницата по повеќедеценискиот застој во инвестирањето. Од пролет 2015 година Македонски железници ќе имаат комплетно обновен возен парк, најави Дерковски.

Со оглед дека за набавката на товарните вагони биле предвидени 15 милиони евра, но е избрана понуда со понизок износ, со преостанатите пари ќе се изврши набавка на уште 20 вагони.

МЖ „Транспорт“ располага со вкупно 950 товарни вагони во возна состојба, а особено значајно, според раководството, е набавката на новите плато вагони на кои ќе може да се стават големи контејнери и ќе се зголемат капацитетите на претпријатието.

Генералниот директор на „ЖОС Трнава“ вети исполнување на договорот и израз надеж за натамошна соработка.

– Гарантирам дека МЖ „Транспорт“ ќе бидат задоволни од нашите производи. Се надевам дека ќе ја продолжиме соработката и дека ќе учествуваме и на следните тендери, рече Пор.

Согласно предвидената динамика во тендерската документација за набавката, првата пратка од 10 вагони треба да пристигне за 40 недели од почнувањето на важноста на договорот, по што следи динамика на испорака на секои четири недели за преостанатите вагони. Испораката на сите 150 товарни вагони се очекува да заврши за 52 недели.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести