Главниот град на Данска, Копенхаген е прогласен за град со најдобар квалитет на живот во светот втора година по ред, според годинашната листа објавена од истражувачката рубрика „Оддел за информации“ на британското списание „Економист“ („Economist Intelligence Unit“ (ЕИУ)).
Во списокот најдобри мета за живеење, вклучени се 173 градови низ целиот свет, а данската престолнина го задржа првото место пред Виена (Австрија), којашто претходно беше најдобро рангиран град три години по ред.
„ЕИУ“ ги оценува градовите според неколку критериуми – безбедност и стабилност, образование, здравствена заштита, инфраструктура, култура и животна средина.
Копенхаген постигна максимален број поени во категориите стабилност, инфраструктура и образование. Според претставниците на „ЕИУ“, данската престолнина ја задржа својата водечка позиција благодарение на комбинацијата од високо ниво на безбедност, развиена инфраструктура, богата културна понуда, квалитетна животна средина и високо ниво на јавни услуги.
Натаму, трет е Мелбурн (Австралија), што напредуваше за една позиција во споредба со минатата година, додека Сиднеј се помести од шестото на четвртото место. Швајцарски Цирих падна на петтото место, додека Женева е шеста. Осака (Јапонија) ја задржа својата седма позиција, Аделаида (Австралија) беше осма, Ванкувер (Канада) деветти, а Токио (Јапонија) – десетти.
Ванкувер е единствениот северноамерикански град којшто влезе во првите 10. Меѓу градовите во САД, Хонолулу остана најдобро рангираниот град, на 25. место, и покрај тоа што падна за две места. Њујорк се искачи за три места – на 66-то, што ѝ се припишува на подобрената безбедност, со пад на криминалот и помала перцепирана закана од терористички напади.
Ана Николс, директорка за индустриски истражувања во „ЕИУ“, оцени дека индексот на просечен глобален квалитет на живот остана непроменет во споредба со минатата година, бидејќи падот на стабилноста на Блискиот Исток и подобрувањето на здравствената заштита во Азија го неутрализираа меѓусебното влијание врз вкупните резултати.
Велика Британија го подобри својот ранг по падот минатата година поради немирите и социјалните немири. Манчестер е највисоко рангираниот британски град, на место бр. 52, пред Лондон, којшто е 54-ти, и Единбург на 64. место. Западна Европа остана подрачјето со највисок просечен индекс на квалитет на живот, иако нејзиниот просечен резултат е малку намален во споредба со лани.
Азија, од друга страна, забележа зголемување на просечниот резултат – главно благодарение на подобрувањата во здравствената заштита, особено во кинеските градови. Градот Фуџоу во југоисточна Кина се искачи за седум места – на 93. позиција, откако „ЕИУ“ ги подобри оценките за здравствениот систем на кинеските градови, воопшто, поради поголемите владини инвестиции и подобрувањата во здравствените системи, како и осигурувањето за долгорочна нега.
Последиците од војната со Иран, исто така, влијаеја и на градовите во регионот на Заливот, чии оценки паднаа во категоријата стабилност. Најголем пад забележаа Маскат (Оман) – за 14 места на 123-то, и Кувајт Сити – за 12, на 105. место. Дамаск (Сирија) останува на дното на листата како најлош град за живеење во светот, на којашто Техеран (Иран) падна на 164. место поради војната, додека Киев (Украина) се искачи на 166. место.
МИА


