Пченкарен ослич

Пченкарниот ослич е вкусно и едноставно јадење со крцкава златна кора и сочно месо. Мариниран со кромид, лук и зачини, а потоа валкан во пченкарно брашно, добива богат вкус и пријатна крцкавост.

Состојки:

  • 2 ослича 
  • неколку лажици пченкарно брашно
  • сол, вегета и црн бибер по вкус
  • 3 чешниња лук
  • 1 главица кромид
  • масло за маринирање и пржење
  • гранче рузмарин


Подготовка:

Доколку рибата е цела, исчистете ја, отстранете ги главата, опашката и внатрешноста. Пресечете го осличот на половина за побрзо и порамномерно да се испржи. Ситно исечкајте ги кромидот и лукот.

Зачинете ја рибата со сол, вегета и црн бибер. Додајте ги кромидот, лукот и рузмаринот, прелијте со малку масло и добро втријте ја маринадата. Оставете да се маринира околу 30 минути. Пред пржење, отстранете ги кромидот и лукот, а рибата извалкајте ја во пченкарно брашно. Пржете во добро загреано масло додека не добие златно-кафеава боја од двете страни. Извадете ја на хартиена салфетка за да се впие вишокот масло.

Послужете го пченкарниот ослич со компир салата или свежа сезонска салата.

МИА

Најчитани вести