Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање посочи дека не постои никаква оправданост власта да брза со спорното решение за електронско гласање на дијаспората во предложениот Изборен законик, уште сега, кога станува збор за избори што треба да се одржат во 2029 година. Филипче, нагласи дека наместо наметнување на законски измени, потребни се темелна анализа, експертска расправа и јасни гаранции за безбедноста на изборниот процес со овој модел за гласање на дијаспората.
„Како може да се осигураме дека ќе биде системот добар електронски? Тоа е материја која што треба да се уреди со закон.И на крајот на краиштата, ако имаме сомнеж дека нешто може да го поремети нашиот изборен процес, зашто да се брза? До толку повеќе што изборите нема да се утре, ниту наесен, туку во 2029 година се, за три години од сега“, рече Филипче.
Во одговорот тој предложи наместо брза постапка, да се отвори сериозен и инклузивен процес за изнаоѓање соодветно решение.
„Еве нека се формира некоја работна група, експертска, повеќе политички партии, и да се уреди тоа. Нека го тргнат тој член од законот, да се работи, па понатаму може повторно да се додаде во Изборниот законик.Ако се осигураме дека тој систем е добар, понатаму може повторно да се додаде“, рече Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека нема потреба дијаспората да биде изложена на сомнежи за легитимноста на нивниот глас.
„Зошто би сакала дијаспората, или поединци во дијаспората, да гласаат на начин за кој што утре е можно да се отвори сомнеж дали бил легален, дали не е злоупотребен, дали е легитимен. Не би сакале нашите сограѓани да бидат изложени на таков ризик? Зошто утре некој да им каже, а вие сте дел од нелегитимно спроведени избори. Зошто на таков ризик да ги изложиме нашите сограѓани кои што живеат во странството? Нема потреба, никаква“, рече Филипче.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста


