Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска на социјалните мрежи објави дека при украински напад погоден е рускиот сателитски комуникациски центар во Московската област.
Тој наведе дека Русија нападнатиот центар го користи за собирање разузнавачки податоци и за координација на руските сили во Украина.
– Нашите одбранбени сили веќе погодија четири такви руски центри, не само во Московскиот регион, туку и во Владимирскиот регион, посочи Зеленски.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин утрово изјави дека се пресретнати 46 украински дронови лансирани кон руската престолнина, но не прецизираше дали има повредени или е причинета материјална штета.
МИА


