Првиот човек на иранската војска, началникот на Генералштабот Хатам ал-Анбија Али Абдолахи, денеска ги предупреди САД и Израел да не го напаѓаат Иран, додека земјата се подготвува за државниот погреб на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во воздушни напади на првиот ден од војната.
„Ги предупредуваме непријателите на Иран, особено САД и ционистичкиот режим (Израел), да избегнат каква било погрешна проценка и да размислат за суровата одмазда со која нашите вооружени сили ќе одговорат на каква било закана и агресија врз нашата земја“, изјави Абдолахи во соопштението објавено од државните медиуми.
Погребните поворки за Хамнеи ќе започнат на 4 јули во Техеран, а ќе завршат на 9 јули со неговиот погреб во неговиот роден Машхад. Во меѓувреме, планирани се комеморации во светиот град Ком и Ирак.
Шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, вчера испрати слична порака предупредувајќи дека Техеран ќе одговори веднаш и енергично на секоја закана за иранскиот народ или државното раководство, откако израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека сегашниот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е „обележан за смрт“.
Иранските медиуми објавија засилени безбедносни мерки за време на периодот на жалост, додека шефот на Организацијата за цивилно воздухопловство на Иран вчера објави привремени ограничувања на воздушниот сообраќај над неколку градови, вклучувајќи ги Техеран и Машад.
МИА


