Полицијата во соработка со Јавното обвинителство и Царинската управа, вчера на граничниот премин „Делчево“ во делот за товар откри 138 килограми и 936 грама марихуана, за што утрово е поднесена кривична пријава за четири лица. Марихуаната, која најверојатно потекнува од соседна Албанија, а била наменета за западно-европскиот пазар, била спакувана во 56 даски во кои се направени специјални шуплини за нејзино криење.
Како што информираше на денешната прес- конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пријавени се четири лица, тројца од Велес и едно лице од Скопје. Направени се и четири претреси кај овие лица при што се откриени алати за специјално изработување на даските кои се прилагодени за криење на дополнителен товар во нивната внатрешност.
– Се работи за вкупно 280 пакувања марихуана за која се проценува дека вредноста на западноевропскиот пазар за каде што се претпоставува дека е наменета зависно од тоа дали би се продавала на мало или на големо може да изнесува од 600.000 евра до 1,5 милион евра, нагласи министерката Јанкулоска.
Вилма Русковска, јавен обвинител во Основното јанво обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, информираше дека изготвила наредба за поведување истражна постапка.
– Поднесен е и предлог до судијата на претходна постапка за определување притвор за сите четири лица, изјави Русковска.


