Одговорниот уредник на Сител Драган Павловиќ – Латас, преку адвокатската канцеларија “Бегова” поднесува серија тужби против Саше Ивановски од Мактел и Ацо Кабранов од Либертас, објави Вечер. Причина за тужбите се серија текстови објавени на нивните сајтови во кои, според Латас, се содржани клевети и навреди како и аудио и видеомонтажи кои се предмет на потешки кривични дела од навреда и клевета, а се објавени во последните неколку месеци.
– Маргиналци како Саше и слични ме доживуваат и користат како билборд на кој треба да се закачат за да бидат видени. Но, за нивна жал тој билборд е преголем за нивните мали слики, па завршуваат по правило со потсмев од едната и самобендисаност што биле спомнати во контекст на Латас од друга страна. Саше и Либертас освен текстови објавија и монтажи кои се сериозна закана за јавното информирање, не само кон мене туку кон сите граѓани, а особено кон јавни личности. Ако им се дозволи ваквиот манир, утре секој човек може да биде жртва на нивните монтирани телефонски разговори, измислени анонимни извори и слично, и тоа битно да влијае врз работата, професионалниот и личен живот на луѓето- вели Латас во изјавата објавена во Вечер.
Во текстот, новинарот на Вечер ги дообјаснува мотивите за овие тужби.
„Самопрогласениот новинар Саше Ивановски, кој инвентивно си го даде прекарот Политико, во последните неколку месеци преку својот портал Мактел, финансиран од фондацијата Сорос и преку социјалната мрежа Фејсбук напаѓаше и омаловажуваше и други јавни личности, новинари, експерти и професори како Игор Џамбазов, Јохан Тарчуловски, Билјана Ванковска, Сашо Мацановски – Трендо, Бранко Геровски и Љубомир Фрчковски, за кои не штедеше грди зборови, навреди и вулгарности кои во суштина немаа никаква допирна точка со вистината и реалноста. За потсетување, токму некрофилските изјави на овој лик за Игор Џамбазов покренаа лавина коментари на социјалните мрежи. Професорката Ванковска, која му е една од омилените жртви, ја споредуваше со животни, а сопственикот и уредник на порталот Офф.нет Трендо, му беше виновен од само нему познати причини, а дуелите со него ги загуби убедливо поради јасната разлика во капацитетите. Геровски и Фрчковски секојдневно се на неговиот вулгарен репертоар. Единствено на Тарчуловски јавно му се извини за сите пласирани невистини за несреќниот настан во кој беше повредена неговата сопруга“, пишува Вечер.


