Продолжуваат тензиите околу компанијата „Фершпед“. Откако вчера не успеаја да одржат прес конференција во хотелот Александар палас, дел од акционерите денеска во дворот на хотелот обвинуваат дека спротивно на законот и правилата на компанијата сегашното раководство позајмувало пари кои никогаш не биле вратени и со тоа нанеле штета на компанијата.
Странскиот инвеститор „Квест Инвестмент ПЛЦ“ кој поседува 469 акции во „Фершпед“ обвини за неправилности и незаконитости кои имале влијание врз рушењето на вредноста на акционерскиот капитал.
Адвокатот Венцислав Гушев, претставник на „Квест инвестмент ПЛЦ“ обвини дека преку брокерската куќа „Фершпед Брокер“ членови на семејството Накови со пари на компанијата купувале акции за себе.
– Една од главните причини за свикување на вонредното собрание е тоа што се појавуваат луѓе кои купувале акции во брокерската кука „Фершпед скопје“. Интересен е начинот на кој тие ги купуваат акциите, но не ги плаќаат, туку нив ги плака Фершпед АД брокер. Во 2011 претседателот на Управниот одбор на Фершпед брокер ги отпишува долговите кои се настанати со купување на овие акции, ова е една алка од ланецот на неправилности и незаконитости кои одат до тоа да се даваат позајмици на физички и правни лица кои никогаш не се вратени. Се повредува принципот на еднаквост на акционерите – изјави Гушев.
Mенаџментот на АД Фершпед давал позајмици од неколку милиони евра на физички и правни лица кои никогаш не се вратени, обвини Гушев, заради што бараат овластен независен ревизор кој ќе направи увид во финансиското работење во оваа компанија.


