Моторот од F2008, подарок за збогум за Маса од Ферари

За да се збогува со тимот со кој соработуваше од 2006 година наваму, Фелипе Маса го посети штабот на Ферари во Маранело.

Триесет и двегодишниот Ф1 пилот се раздели од италијанскиот тим по цели 7 години, а како подарок за успешна соработка го доби моторот на F2008 болидот од 2008 година со кој за малку ќе ја освоеше шампионската титула. Истата година, Луис Хамилтон ја освои титулата со само 1 бод предност.

„Се запознавме пред многу години и само сакам да ви се заблагодарам на сите, механичари, инженери и сите вие кои работите за тимот во Маранело “ – емотивно изјави Маса. „Сите до еден бевте покрај мене и ме поддржавте во најтешките моменти. Никогаш нема да заборавам што направи Ферари за мене за време на несреќата во 2009 година. Во такви околности човек сфаќа што значи да се биде сакан и каква е всушност атмосферата во овој тим. Ќе ми недостига да бидам дел од ова семејство“.

Бразилецот се пошегува и со тимскиот шеф Стефано Доменикали, алудирајќи на моментот на германското Гран При од 2010. кога му беше наредено да се тргне од патеката за да може Фернандо Алонсо да го помине: Ти благодарам за сите шанси и прилики што ми ги овозможи, а со тебе Фернандо ќе се видиме и на патеката, но овој пат нема да те пуштам!

По седум сезони, Фелипе Маса ќе му се придружи на тимот на Вилијамс во 2014 година каде ќе вози покрај Валтери Ботас. На негово место во Ферари покрај Фернандо Алонсо ќе вози Кими Раиконен.

Најчитани вести