Вовед
Вредност во форма на добра и услуги можат да создадат само работниците. Произведените добра и услуги фирмата им ги понудува на купувачите, а работниците ја добиваат платата која прифатиле да ја разменат за својот труд. Оттука, само работниците можат да ги одработат парите кои Владата ќе ги собере од народот преку најразновидните давачки кон државата.
Бруто и нето-плата
Сите пари кои работодавецот ги одвојува за работникот се неговата вистинска заработка, која е наречена и бруто-плата. Според Државниот завод за статистика, бруто-платата на просечниот работник во Македонија за јули 2012 г. беше 30.469 денари.
Земајќи дел од бруто-платата, работодавецот првин ќе ги плати задолжителните давачки за работникот а кои државата ги наметнала. Остатокот ќе му го даде на работникот како нето-плата, т.е. „на рака“. Во јули 2012 г. нето-платата на просечниот работник во Македонија беше 20.781 денар.
Оттука, државата прво наредува задржување на 116.256 ден, или 32% од бруто-платата, или секој месец по 9.688 ден.
Преостанатата нето-плата работникот ќе ја потроши за купување реални добра и услуги, плаќање даноци (данок на имот, ДДВ и др.), државни такси и сите останати давачки кон државата.
Акцизи и ДДВ
Акцизите се државно-наметнати давачки само за одредени производи како кафето, алкохолот, бензинот, преработките од тутун, автомобилите и луксузните производи.
Данокот на додадената вредност (ДДВ) е измислен за полнење на државната каса.
Рафинериската цена плус наплатата на бензинските пумпи од 3,2 ден даваат цена за литар бензин од нешто повеќе од 49 денари. Остатокот од нешто помалку од 37 денари за секој литар бензин кувачот го дава на Владата.
За лебот и другите прехрамбени производи, како и за вода, лекови, превоз и компјутери се плаќа ДДВ од 5%. Повеќето производи имаат ДДВ од 18%; на пример, струјата. Ако немаше ДДВ цената на струјата ќе беше пониска за вредноста на парите за ДДВ. Затоа, Владата добива 180 ден од секои 1.000 денари кои обичното домаќинство ќе ги плати за струја. Домаќинството всушност потрошило струја за 820 ден.
Значи, откако просечниот работник како нето-плата ќе ги добие преостанатите 249.372 ден од својата годишна заработка, поради купените добра и услуги мора да плати ДДВ и акцизи (вметнати во цените на добрата и услугите). Оттука, просечниот работник за владината каса во 2012 г. ќе одработи 76.738 ден кои ќе му бидат одземени преку ДДВ и акцизи. Тоа се по околу 6.395 ден месечно.
Преостанатите давачки кон државата
Според ребалансираниот Буџет на Република Македонија за 2012 г. Владата од населението ќе одземе и дополнителни пари од царини, меѓународни давачки, дозволи за работа, како и од „неданочни приходи“ како такси, државни услуги, казни и др. Државата предвиде дека во 2012 г. само преку последниве давачки од просечниот работник во Македонија ќе одземе дополнителни 27.773 ден или 2.314 ден месечно.
Колку од нето-платата останува за лично трошење?
Просечниот работник ќе ја потроши својата месечна нето-плата од 20.781 ден така што со 12.072 ден (58,1%) ќе си купи „вистински“ добра и услуги, а на државата ќе даде 8.709 ден (41,9%) за ДДВ, акцизи и останатите давачки кон државата.
Ова значи дека на годишно ниво, грубо земено, било кое регуларно вработено лице во Република Македонија дава околу 42% од својата нето-плата на државата. Париве ги дава плаќајќи даноци, акцизи, такси, најразлични државни услуги (како легализација на земјиште, нови патни исправи, судски такси), казни, но и преку зголемените цени на производите како резултат на зголемените трошоци за работа на приватните фирми (лиценци, фирмарини, администрација итн.).
Колку од бруто-платата останува за лично купување?
Одработената просечна годишна бруто-плата е 365.628 денари. Просечниот работник на рака добива нето-плата од 249.372 ден. Од нето-платата после сите давачки кон државата му преостануваат 144.861 ден. Со последниве пари купува реална вредност (добра и услуги).
Сеуште не е крај на владиниот товар врз работниците. Тие во иднината ќе ги платат и денешните задолжувања. Само за 2012 г. Владата во планираше задолжување од скоро 289 милиони евра кои во иднината ќе бидат дополнително одземени од населението. Долгот на Владата од 1673 милиони евра во 2006 г. е зголемен на 2364 милиони евра на 31 август 2012 г. што е зголемување за 691милион евра. За да го врати само долгот кој до август 2012 г. го зголеми Владата на Никола Груевски, секој работник во Македонија ќе мора во иднината да одработи во просек по околу 65.645 ден.
Конечната пресметка
Ако било кој работник сака да направи груба пресметка колку од нето-платата дава за државата, нека пресмета 42% од нив. Овде не спаѓаат придонесите за здравствено и пензиско осигурување, ниту данокот на доход, кои се платени уште пред да ја добие нето-платата. По државен налог ќе бидат одземени во просек по 60% од сите заработени пари (бруто-платата) на било кој домашен работник во целата 2012 г., а во негова контрола остануваат 40%.
Граѓаните ќе наполнат околу 75% од Буџетот на Владата за 2012 г. преку сите можни давачки кон државата. Останатиот дел од 25% ќе биде наполнет со продажба на државна сопственост (т.е. ќе бидат оттуѓени од целото население како јавно добро) или со задолжувања (т.е. од иднината).
ДДВ и акцизите ќе наполнат околу 36% од целиот Буџетот на Владата за 2012 г.
Се надевам дека повеќе не Ви е сеедно како Владата ги троши Вашите пари.
ПИШУВА: Горан Арсов
Извор:За арно за убаво
Во весникот Капитал на 01 ноември 2012 г. беше издадена скратена верзија на целиот текст кој можете да го прочитате овде (притиснете).





