Приведени доктор и специјализант за примање поткуп

Лицата Ј.Н. (45), доктор на Универзитетска клиника за уво, нос и грло и Н.П. (29), доктор специјализант на Клиниката вчера биле преведени за примање поткуп, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според полицијата, осомничените на почетокот од овој месец на пациентка од Скопје и побарале 450 евра за да извршат две хируршки интервенции, односно функционална операција на носната преграда и естетска операција на нос. Средствата требало да ги предаде пред да бидат извршени хируршките интервенции.

– По пријава на случајот во МВР и дадените насоки од надлежен Јавен обвинител, од страна на Секторот за корупција се преземени мерки и активности за документирање, при што побараните парични средства од пациентката се претходно технички обработени. Бараните пари пациентката и ги дала на специјализантката Н.П, а биле наменети за д-р Ј.Н кој требало да ги изврши хируршките интервенции, стои во информацијата.

Врз основа на предходно обезбедени Наредби од судијата на претходна постапка, извршени се лични претреси, претрес на дом и претрес на службени простории на осомничените. При извршен личен претрес на лицето Н.П. пронајдени се девет банкноти во апоени од по 50 евра, технички обработени и дадени од пациентката, додека кај Ј.Н, при претрес на неговиот дом и службените простории пронајдени се одредени писмени прибелешки со лица и телефони, список на закажани операции и фотографии, кои би можеле да бидат од интерес за кривичната постапка.

Осомничените се приведени во Полициската станица – Карпош и по целосно расчистување на случајот, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство-Скопје ќе поднесе кривична пријава против двете лица поради постоење на основано сомнение дека извршиле кривично дело „примање поткуп“.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести