Николовска: Крајот на годината и спомените за „А1“ телевизија

Трета година по ред како се ближат новогодишните празници, така сеќавањата и емоциите поврзани со „А1“ телевизија стануваат се посилни. Тага, горчина, лутина, немоќ, бес… сè на едно место… Таа одвратна ноќ пред судот, тој дожд, тие полициски возила во кои со лисици на рацете ги пикаа моите колеги, пријатели… исплашени ликови, солзи, ги слушаш нивните имиња како ги довикуваат најблиските: „Издржете!“, „Не се давајте!“, „Неправда е ова!“…

Втората година пак ова време, пред Шутка, горчината останала, бесот се контролира, за жените е битката, притворот како вечност, како казна, само затоа што си ќерка на некого, пак неправда…

Трета ваква Нова година, нема лезет, нема среќа, нема расположение… како беше она, ако не си зад решетки не значи дека си слободен…

Трета година, како ја нема „А1“, институција беше… ова време во монтажата беше гужва кој ќе монтира новогодишни прилози. Во големата канцеларија, колегијалност каде никаде на друго место нема, еден новинар почнува реченица, друг ја довршува, трет предложува песна како илустрација… Уредниците се натпреваруваа чии вести ќе бидат најдобри, најгледани… Во ходникот Ане ја имаше веќе накитено елката, празнично расположени, се подготвувавме за традиционалната новогодишна прослава на вработените од сите фирми на Перо Наков… Весели, дотерани, расположени… а Велија горд и благодарен на животот. А јас, јас во ова време заедно со редакцијата Фармер ја подготвував манифестацијата ФАРМЕР НА ГОДИНАТА… Сакавме да им одадеме признание на луѓето кои ја произедуваат нашата храна, да ги наградиме со внимание, со почит кон нивната работа. Земјоделци, Министри, агробизнисмени, политичари, музика… ех тоа беше манифестација на влијанието кое го имаше „А1“ телевизија кај гледачите, граѓаните на Македонија. Главната причина зошто сега ја нема.

И сето ова имаше само едно име ВЕЛИЈА, умот и душата на „А1“… не, не оној Велија кој вие го знаете, вие жртви на пропагандата на Сител и Латас, Велија каков што е вистински, како што го познаваме ние вработените кај него. Човечен, правичен, едноставен… со своите размислувања секогаш пред времето… нестрплив и нервозен ако не можеш да го следиш во мислите…Тој секогаш ни помагаше… деца браќа, сестри, сопруги… ни ги вработуваше кај него… Болести со него лечевме, родители погребуваме, магистратури и дипломи славеме… „А1“ беше повеќе од работно место, Велија беше повеќе од само газда… таму бевеме дома, а телевизијата беше народна. Три години поминаа, а мене како и на многумина верувам дека се повеќе ни недостига.

Каде сме сега? Некои на истиот пат кој ни го трасираше „А1“, на браникот на Слободата и Демократијата… некои потклекнаа, за парче леб, не е човек да им замери, некои богами добро профитираа, се продадоа кај тие што нè рушеа…

Најтешко им е на оние во Идризово, ако може тоа да биде некаква утеха, неправда е ова голема…

Ми кажуваат кога сум зборувала на говорница во Собрание Груевски коментирал „Кога ја гледам Ленче како да ја гледам А1“ …тоа ги прогонува. „А1“ за граѓаните остана синоним на слободата и демократијата, за власта синоним на најголемото нивно зло… Трета Нова година без „А1“, можеме ние да издржиме колку треба Груевски, и плачеме и тагуваме, ама пак ќе ја гледаш во тоа сум сигурна!

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести